Смена на врвот: Шампион го најде лекот за Скопје!

Во дерби натпреварот во 7.коло од плеј-офот во Првата лига, Шампион славеше против Скопје со 29:27.

Првото полувреме помина во израмнета борба со исклучок на последните десетина минути. Ракометарите на Шампион со головите на Дрпљанин и Стојановски имаа водство од 2:0 во почетните минути, но домашната екипа на Андријана Будимир го израмни резултатот на 2:2.

Гол за гол се играше до 20. минута и клучен период беше токму завршницата од првиот дел. Избраниците на Слободан Чивлачки со серија од 3:0 стигнаа до највисоките три гола разлика, 9:13. Првото полувреме заврши со предност од 15:11 за составот на Шампион.

Во второто полувреме, Скопје се врати во игра со головите на Мишевски и Киселовски, сепак, тоа беше само за момент бидејќи Шампион рутинско го одржуваше стекнатото водство. По десет минути игра во вториот дел, Шампион имаше предност од 20:17.

Гостинската екипа дозволи противникот целосно да се врати во игра и да го израмни резултатот во 48. минута, 23:23. Минута подоцна, Киселовски постигна гол за прво водство на Скопје во второто полувреме од еден гол разлика, 24:23.

И двете екипи во последните осум минути имаа грешки во нападите. Шампион на две минути до крајот повторно го презеде водството и своја поддршка имаше од голманот, Даниел Ацев кој влезе во неверојатен елемент кога противникот беше во налет да се врати во игра. Точка на натпреварот стави Бојан Марковски со гол во последната секунда за победа од два разлика.

Во победничката екипа најефикасен беше Есад Дрпљанин со осум гола. Во составот на Скопје 2020, Бојан Чакалиќ и Леонид Киселовски погодија по осум пати.