Словенците тврдат: Вујовиќ не е повеќе селектор, ќе го наследи Хуан Пастор!

Словенечката ракометна јавност деновиве беше преокупирана со прашањето дали некогашниот тренер на Вардар и селектор на Македонија – Веселин Вујовиќ, ќе ја предводи нивната репрезентација на Европското првенство во јануари.

Според пишувањата на тамошните медиуми, очигледно дека нема! Во текот на вчерашниот ден на состанок беше највисокото раководство на Словенечката ракометна федерација, но иако немаше официјално соопштение, медиумите веќе го „сменија“ Вујовиќ од селекторското место.

Фаворит за нов селектор е Хуан Карлос Пастор од ПИК Сегед, каде што играат четворица Словенци – Бомбач,  Габер, Шоштариќ и Хенигман. Словенците веруваат дека Пастор ќе соработува без проблем со Урош Зорман, кој би останал помошник.

Се споменува и името на Талант Душебаев, но се чини дека раководството на Келце нема да дозволи двајцата нивни тренери да отсуствуваат цел месец од тренинзите на клубот. Во комбинација се и Бранко Тамше и Алфред Гисласон, но како и да е, федерацијата ќе мора бргу да дејствува со оглед на краткото време до ЕП.

Словенците би требало да ги почнат подготовките за континенталниот собир на 26 декември во Зрече, а ќе одиграат пријателски натпревар со нашата репрезентација на 3 јануари.