Словенечки репрезентативец и најдобриот голман од Асобал лигата потпишаа за Загреб

Хрватскиот шампион Загреб денес соопшти дел од новите имиња за новата натпреварувачка сезона 2023/24.

Во екипата на Загреб во следната сезона ќе пристигне репрезентативецот на Словенија и актуелен член на Целје, Матич Сухолежник и моментално најдобриот голман од Асобал лигата, Анте Грбавац.

Сухолежник настапува на позицијата пикер и ќе биде замена за Жељко Муса и Никола Граховац, кои на лето ќе се преселат во Бундес лигата.

27-годишниот ракометар на Целје во Загреб ќе го има првиот интернационален предизвик, бидејќи во својата кариера настапуваше само за шампионот на Словенија.

Голманот Грбавац по одличните настапи во најквалитетното натпреварување во Шпанија си заработи трансфер во Загреб.

Поранешниот младински репрезентативец на БиХ го носи дресот на Куенка, екипа која се наоѓа меѓу најдобрите шест тимови во Асобал лигата.

Од Загреб покрај двете нови имиња, соопштија дека е продолжен договорот со Алекс Кавчиќ. Пред извесен период договорите беа продолжени со Тимур Дибиров и Паоло Краљевиќ.

Дибиров и Краљевиќ ќе останат во наредните две сезони, додека Кавчиќ потпиша нов договор, со важност до крајот на следната сезона.

На позајмица ќе пристигне десното крило од Горица, Хрвоје Чековиќ. Младиот ракометар веќе во текот на овој месец се очекува да го облече дресот на тимот предводен од Славко Голужа.