Скубе поблиску до Хановер отколку до ПСЖ, Сикошек Пелко оди во Ла Риоха!

По вчерашниот ден во кој беа потврдени заминувањата на Даинис Кристопанс и Павел Атман, работите во европскиот првак Вардар полека се враќаат во нормала, иако останува неизвесноста околу играчкиот кадар за следната сезона.

Шпанскиот Адемар Леон најави дека ќе се обиде да го донесе голманот Калифа Гедбан уште месецов и дека нема да чека до лето, но сите други ракометари ќе останат во „црвено-црните“ редови до крајот на сезоната.

Средниот бек Сташ Скубе лани потпиша договор на три сезони, но на лето најверојатно заминува во Бундес лига во составот на Хановер. Словенечкиот интернационалец е на мета и на ПСЖ, но се чини дека е поблиску до трансфер во Германија.

Неговиот сонародник Домен Сикошек Пелко, кој дојде во Вардар од австрискиот Ферлах, може да си замине на лето од Скопје. Тој има понуда од шпанската Ла Риоха и негова следна станица во кариерата би можела да биде Асобал лигата.