Скопје 2020 во Супер лига, Шампион во бараж

Екипите на Шампион и Скопје 2020 одиграа интересен натпревар за финиш на сезоната во плеј-офот во Првата машка лига, а гостите со победата од 30:26 се изборија за првото место и за директен пласман во Супер лигата.

Домашните поведоа на стартот од натпреварот. Имаа 4:2, а потоа работите се изменија. Следуваше серија од 3:0 од гостите и работите почнаа да се менуваат. Скопје 2020 ја презеде контролата и почна да го зголемува водството. Ја водеше играта без поголеми проблеми така што сè одеше според планот.

Првото полувреме имаше и прекин бидејќи на трибините имаше повеќе гледачи од она што било пријавено од страна на двете екипи, па мораше да интервенира полицијата и да ги испразни.

После продолжението на средбата, Скопје 2020 продолжи да го диктира темпото и на одмор имаше убедливи 18:13. Овој резултат им носеше пласман во Супер лигата и требаше да се издржи до крајот.

Во вториот дел од натпреварот ракометарите на Шампион се обидоа да се вратат во средбата. Имаа игра во која успеаја да намалат, но не успеаја и да се вратат во мечот. Скопје 2020 постојано беше во предност и не дозволи домашните да дојдат до нешто повеќе. Успеаја да издржат и во моментите кога Шампион почна да игра пресинг така што на крајот само стигнаа до негатива од четири гола.

Со 30:26 тимот на Скопје 2020 ја обезбеди најважната победа сезонва, а со тоа и директно место во Супер машката лига. Шампион ќе мора да се обиде во баражот против Радовиш.

ШАМПИОН – СКОПЈЕ 2020         26:30 (13:18)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

ШАМПИОН: Ангелов, Ацев, Ивчески, Игнов 1, Манојлоски, Мишоски, Кочаров 1, Марковски 1, Стоилковски 1, Налетовски 1, Миланов 3, Стојановски 8, Даев, Олтовски 7, Сарашов 1, Дрпљанин 2.

Седмерци: 7/8, Исклучувања: 16 мин.

СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Мирчевски, Мишевски 8, Чакалиќ 4, Калајџиоски, Атанасовски, Грујовски 4, Благопетров 2, Пешевски, Димчевски 2, Киселовски 10, Трифуновски, Блажевски, Михајловски.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 14 мин.