Скопје 2020 во победнички ритам и против Куманово, го чува плеј-оф врвот

Ракометарите на Скопје 2020 го чуваат првото место во Првата машка лига, откако забележаа и трета победа во плеј-офот од Првата машка лига совладувајќи го на домашен терен тимот на МРК Куманово со 22:19.

Составот на Скопје беше во предност во поголемиот дел од средбата така што резултатот е слика на она што се случуваше на теренот. Гостите успеаја да израмнат на 1:1 и 2:2, но потоа се најдоа во негатива од три гола која беше присутна постојано во текот на првите 30 минути.

Играта која беше прикажана од страна на домашните беше за нијанса подобра. Имаа повеќе идеја во нападот и доволно поцврста одбрана за да бидат во предност. Во еден момент имаа и плус шест кога водеа со 10:4, но во завршницата на првиот дел направија грешки и попуштија, па гостите од Куманово се вратија на два разлика.

Откако на паузата беше 12:10 за Скопје, во вториот дел постојано беше три или четири разлика така што овој резултат овозможи во завршницата мирно да се дојде до победа. Пред крајот Куманово уште еднаш намали на два разлика, но после 20:18 домашните одново одговорија во ист стил и стигнаа до триумф од 22:19 и нови три бода.

Со ова Скопје има десет поени после четири кола и останува осамено на врвот на табелата во плеј-оф лигата.

СКОПЈЕ 2020 – МРК КУМАНОВО             22:19 (12:10)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Златко Локвенец од Скопје.

СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Трајчевски, Мирчевски, Мишевски 5, Лакалиќ 5, Мелоски 3, Петков, Димитријевски, Србиновски, Грујовски 4, Благопетров 1, Димчевски 2, Пешевски, Киселовски 2, Блажевски, Михајловски.

Седмерци: 7/8, Исклучувања: 8 мин.

МРК КУМАНОВО: Кимевски, Трајковски, Димитријевски, Клековски, Димковски, Димитров 5, Ацевски, Кузмановски, Цветковски 1, Тасевски 6, Миладиновски 2, Стошиќ 2, Стојмановски, Спасиќ 2, Даневски, Трајчевски 1.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.