Скопје со нов тренер и најмалку шест засилувања ќе дебитира во Супер лигата

Новиот суперлигаш и дебитант во најсилната лига, Скопје 2020 го засилува тимот за да има што подобра прва сезона во која екипата ќе биде предводена од поранешниот селектор Симе Симовски. Како што 24ракомет најави, Симовски ќе биде новиот тренер на најмладиот скопски клуб што настапува меѓу најдобрите екипи во суперлигата.

Новиот тренер ќе има на располагање тим комбинација од младост и искуство бидејќи засилувања кои се ангажирани сигурно ќе овозможат добри натпревари во Супер лигата.

Скопје 2020 ангажираше двајца играчи на Пролет, а тоа се браќата Филип и Александар Василевски, кои во последните неколку сезони беа меѓу играчите кои играа и во двата правци.

Од Јуниор Кисела вода во Скопје доаѓаат голманот Матеј Петковски, Кирил Пешкирски и дефанзивецот Стефан Стојановски. Шестото засилување е пивотот кој во пролетната полусезона беше дел од Радовиш. Станува збор за Али Кобеиси од Либан.

Покрај овие шест ракометари во план се уште двајца играчи. Еден од нив е од Македонија, а другиот треба да биде ракометар од страна.

Со ангажирањетона неколку ракометари јасна е целта на Скопје 2020 во првата сезона во Супер лигата, а таа е да се обезбеди колку може подобар резултат односно напролет да се обебеди опстанок во најсилната лига.