Димитриоски прозиваше, Скопје почна со тренинзи

Тимот на Скопје предводен од новиот тренер Оливер Димитриоски денес означи старт на подготовките за претстојната сезона, во која клубот ќе атакува на подобар пласман во суперлигашката конкуренција.

Димитриоски на денешната прозивка ги имаше на располагање речиси сите играчи од минатогодишниот состав, плус петте засилувања.

Нови играчи во таборот на Скопје се Давор Шокоски и Никола Стојкоски од Прилеп, Димитар Ристовски од Јуниор КВ, Кристијан Стојаноски од Македонија Ѓорче Петров и довчерашниот член на Струга, Петар Ферукоски.

Како што е познато, клубот го напушти српскиот интернационалец Никола Радовановиќ и искусниот кружен напаѓач Игор Трајковски.

Скопје во подготвителниот период освен што ќе учествува на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ во Прилеп, ќе одигра и уште неколку контролни средби.

Тимот на Димитриоски за ривали во регуларниот дел од Супер лигата ги има Струга, Куманово, Тиквеш, Алкалоид, Охрид, Еурофарм Пелистер 2  и дебитантот Аеродром.