Скопје продолжи во победнички ритам, лесно се справи со Кузман Вардар

Ракометарките на Скопје продолжуваат со серијата победи во плеј-аут фазата во Женската лига, откако на гостувањето кај Кузман Вардар забележаа убедлив триумф од 44:21.

Избраничките на Валентина Радуловиќ во претходните две кола беа подобри од Астибо и Деспина, додека младиот тим на Кузман Вардар се уште е без победа во новата натпреварувака сезона, а првите бодови ќе ги бара во следното коло против Гевгелија.

Во нерамноправен дуел, тимот на Скопје уште од стартот кога се одлепи на 6:1 даде до знаење  дека ќе ги освои бодовите. Ракометарките на Александра Кузмановска парираа колку што можеа, но поради малата ротација целосно беа надиграни.

Првиот дел заврши со предност на дебитантот од 19:11, додека во продолжението, домаќинот не можеше да го запре налетот на разиграните гостинки, кои од минута во минута ја зголемуваа предноста за конечни 23 гола разлика.

Најефикасни во победничката екипа беа Стефани Ристиќ со осум и Антонија Радевска со шест погодоци. Кај Кузман Вардар по пет реализации имаа Нина Милевски и Сандра Јовевска.