Скопје лесно до бодови против Куманово

Екипата на Скопје на свој терен го совлада Куманово со 30:23 и запиша три важни бода во борбата за опстанок во македонската елита. Скопје со новата победа веќе ја избегна опасната зона од директно испаѓање.

Домашната екипа со голот на Мишевски во 5-та минута го отвори натпреварот. Куманово намали на 1:1 и во останатиот дел беше екипата која безуспешно го бркаше водството на домаќините. Ракометарите на Кузманоски ги користеа слабостите во одбраната на гостите и од 3:2 дојдоа до 6:2. Одличниот старт на домаќините беше причина тренерот на Куманово, Игор Котевски, да повика тајм-аут.

Ниту советите од гостинската клупа не вродија со плод, па така гостите никако не можеа да се консолидираат или резултатски да се доближат. Скопје продолжи да има ефикасна реализација и кон средината на првиот дел имаше ,,плус седум” 9:2.

По фуриозниот налет, следуваше пад во играта на домаќините, па така Куманово за момент успеа да намали на 10:7. До крајот на полувремето Скопје имаше контрола на играта, незапирлив беше Мишевски и домаќините без никаков проблем на полувреме заминаа со предност од 19:13.

Продолжението целосно мина во доминација на домаќините. Куманово освен Мрвовиќ немаше друг расположен ракометар на теренот. Српскиот интернационалец целосно беше затворен во вториот дел и тоа беше дополнителен проблем за гостинскиот табор.

Скопје рутински го одигра вториот дел, на моменти со осилаци во играта, но сепак, дојде до важен триумф во борбата за опстанок. Во 55-та минута црвен картон поради три исклучувања заработи членот на Скопје, Стефан Стојановски.

Најефикасен на средбата со 11 погодоци беше Вучко Мрвовиќ од Куманово. Кај победничката екипа се истакна Марио Мишевски, имаше десет реализации во гостинската мрежа.