Скопје за малку ќе направеше од готово – вересија, ама стигна до полн плен кај Драчево

Ракометарите на Скопје ја продолжуваат битката за првото место во прволигашкиот плеј-оф кое носи место во суперлигашката конкуренција.

Избраниците на Андријана Будимир триумфираа на гостувањето кај Драчево со минимални 26-27 во драматичен финиш. По 8-8, Скопје поведе со 8-10, а до крајот на полувремето успеа да стигне и до плус три, 10-13.

На пет минути до крајот Скопје имаше комотни четири гола предност, 22-26, но Драчево, кој во вториот дел играше без Бобан Андовски кој доби црвен картон поради три исклучувања, го направи финишот драматичен.

Израмнија избраниците на Велимир Настески на 26-26, резултат со кој се влезе во последната минута. Бекот на Скопје, Киселовски погоди за триумф и три бода од тешкото гостување.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Бојан Чакалиќ со седум гола и Леонид Киселовски со шест гола, додека кај Драчево по пет пати погодија Бобан Андовски и Александар Димовски.

Скопје сега е прв на табелата со 22 бода, но Шампион кој има 20 бода допрва треба да го одигра дуелот кај незгодната Јехона во Гостивар.