Скопје го грабна цел плен од гостувањето кај Аеродром

Ракометарите на Скопје продолжуваат со добрите резултати во прволигашкиот плеј-оф. По ремито со Драчево во минатото коло, избраниците на Андријана Будимир и Аце Станковски победија на тешкото гостување кај составот на Аеродром со 29-30.

Победникот беше решен во финишот, кога гостите ја направија клучната серија. Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, иако Аеродром поведуваше, а Скопје израмнуваше. На пауза се замина со реми 12-12.

Таквата игра продолжи се до средината на вториот дел, кога од 18-17, гостите направија серија од четири погодоци преку Чакалиќ и Мишевски за 18-21. Водеше Скопје и со 20-24, но црвен картон поради три исклучувања доби Чакалиќ.

Избраниците на Благојче Весиќ не се откажуваа од позитивен резултат и изрманија на 24-24. Но следуваа неколку наивно потрошени напади, беа казнети тие грешки од страна на гостите и веќе беше 24-27.

По 26-30, Аеродром намали на 29-30, а Скопје остана без Пешевски поради три исклучувања, сепак немаше време за нешто повеќе и мечот заврши со тој резултат. Најдобри стрелци кај победникот беа Велимир Грујовски со седум и Марио Мишевски со шест погодоци, а кај Аеродром се истакнаа Климент Ефтимов со девет и Димитар Михајлов со седум реализации.