Скопје ги започна подготовките – се засили со Равојска и Максимовска

Ракометарките на Скопје ги започнаа подготовките за новата сезона во Женската лига, која треба да стартува во втората половина на септември.

Под водство на Андријана Будимир и Валентина Радуловиќ, скопјанки ги реализираат планираните тренинзи, а дополнително ќе бидат договорени пријателските натпревари.

Од играчкиот кадар, сите ракометарки што настапуваа минатата сезона останаа во клубот, а договорени се и две засилувања.

Станува збор за младинската репрезентативка Јана Равојска, која доаѓа од Вардар и Наталија Максимовска, која настапува на десната бековска позиција и исто така беше дел од Вардар.

Подоцна на тимот ќе му се приклучат Стефани Ристиќ и Надица Максимовска, кои се со кадетската репрезентација на ЕП, а клубот е во преговори со уште неколку ракометарки.