СКАНДАЛ ВО НАЈАВА: Босанците нема да играат на ЕП?!

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина преку квалификациската група со Финска, Чешка и Белорусија, успеа да стигне до првото учество на Европско првенство во историјата. Но проблемите во оваа земја на ракометен план продолжуваат.

Ракометен сојуз практично и да нема, селекторот Билал Шуман за дел од квалификациските мечеви од сопствен џеб плаќаше за патувања и сместувања, а финансиските проблеми продолжуваат и понатаму.

Босанските медиуми се бесни и на фактот што поширокиот список од 28 играчи не го објави федерацијата, туку мораа да чекаат ЕХФ да го објави, за потоа и тие да дознаат за кои ракометари се одлучил Шуман.

Тие потенцираат дека човекот што го пратил списокот во ЕХФ не си ја завршил својата работа како што треба, бидејќи Босна и Херцеговина е единствената селекција, во чиј список нема ниту податоци за висина, тежина, број на настапи и број на голови, а кај некои дури недостига и на која позиција игра.

Но тоа не е најголемиот проблем, може да има уште поголем. Според претседателот на Босанскиот Сојуз, Маринко Умичевиќ, учеството на ЕП за Босна и Херцеговина е под знак прашалник.

„Имаме напредок во споредба со претходно, но мора да кажам дека имаме уште проблеми. Тоа се однесува пред се на добивање на ID број од Даночната управа на Босна и Херцеговина, која ја тужевме, а првото рочиште беше одржано. Ако овој проблем не се реши, тогаш настапот на Босна и Херцеговина на Европското првенство е под знак прашалник, бидејќи ни треба најмалку 150.000 конвертибилни марки или околу 80.000 евра“, изјави Умичевиќ.

Босна и Херцеговина се наоѓа во групата Д, заедно со Норвешка, Португалија и Франција.