СКАНДАЛОЗНО: Поранешен српски селектор претепан од сопствениот син пред клиника за зависности

Поранешниот селектор на Србија, Веселин Вуковиќ бил претепан од неговиот син Петар Вуковиќ пред Специјалната болница за болести на зависност на улицата Драјзерова во Белград, пренесува „Телеграф“.

Прославениот репрезентативец случајот веднаш го пријавил во полиција, која за семејно насилство поднела кривична пријава против неговиот син Петар Вуковиќ.

Според пишувањата на српските медиуми, екс ракометарот телефонски пријавил дека неговиот син му се заканува, при што веднаш реагирала полициската патрола на Општина Савски Венец.

Останува да се види каков ќе биде исходот од истрагата што ја води Првото основно јавно обвинителство во Белград.

Веселин Вуковиќ три и пол години помина на клупата на репрезентацијата на Србија и за тој период забележа одлични резултати. Под негово водство е освоен последниот медал на репрезентацијата од големите натпреварувања.

Покрај сребрениот медал на Европското првенство 2012 кога Србија беше домаќин, Вуковиќ ја однесе репрезентацијата и на уште четири големи натпреварувања вклучувајќи ги и Олимписките игри во Лондон.

Во својата играчка кариера настапуваше за Металопластика, Атлетико Мадрид и Барселона. Со екипата на Металопластика двапати беше европски шампион (1985,1986).

На репрезентативно ниво со селекцијата на Југославија го освои златото на Олимписките игри во Лос Анџелес (1984), потоа две години подоцна на Светското првенство во Швајцарија исто така беше освојувач на златниот медал.

Вуковиќ на злато се радуваше и во 1983 година кога репрезентацијата на Југославија на Медитеранските игри во Мароко го освои првото место.