„Сите не потценуваа, а потоа сите научија каде е Македонија“

„Тоа е нешто што не се заборава во животот. Тоа треба да го почувствува секој спортист. Како изгледа кога никој не смета на тебе и потоа сите се фрапирани, изненадени и зачудени“, се потсети нашата најдобра репрезентативка на првиот настап на големо натпреварување.

Пред на македонскиот спорт да му се случи машкиот ракометен успех и тоа да стане спорт број еден, постоеше женска ракометна ера и еуфорија ја предводеше токму Индира Кастратовиќ на Светското првенство 1997 во Германија.

„Македонија првпат излегува на едно големо натпреварување како самостојна држава, патувавме во Германија како комплетни аутсајдери и мислевме дека ќе се вратиме по првиот круг. Тоа е нешто што не се заборава во животот. Тоа треба да го почувствува секој спортист. Како изгледа кога никој не смета на тебе и потоа сите се фрапирани, изненадени и зачудени. Пред дуелот со Данска се договараме во соблекувалната, само да не се посрамотиме, да играме достоинствено, затоа што Данките беа олимписки и светски шампиони. Самоуверени излегоа на загревање, ние се обидуваме да се мотивираме меѓу себе и кога почна мечот. Тоа е она во спортот кога се вели дека не треба никого да потцениш, а тие и не знаеја ни каде е Македонија. Кога ќе влезеш со потценување во натпревар, а и не ти тргне, потоа враќање нема. А, нас ни тргна и на тој меч и потоа и против Романија на продолженија и сигурна сум дека ако не игравме во Германија и со Германија ќе стигневме до полуфиналето. Да бидам реална и ние што игравме по 60 минути веќе бевме исцрпени. Но, тогаш сите дознаа каде е Македонија. По првата фаза во Берлин требаше да патуваме во друг град и таму веќе беше подготвено дека Данска ќе патува, па ја бришеа Данска, за да напишат Македонија и тогаш почна ракометната еуфорија во Македонија, но и ерата на женскиот ракомет. Кога заминавме на СП, тоа беше многу тивко, но кога почнавме да победуваме, се се смени. Зоран ми велеше на телефон – Индира кога играте вие градот е пуст, а јас не му верував. По тоа СП, секоја година бевме на Европско и на Светско, успеси и со Кометал и тука почна да се качува женскиот ракомет.“

Комплетното интервју со Индира Кастратовиќ може да го погледнете ТУКА.