ИНТЕРВЈУ ИНДИРА КАСТРАТОВИЌ: Жалам само што нè освоив европска титула со ЖРК Вардар и нè заиграв на Олимпијада

Од Кометал Ѓорче Петров преку македонскиот национален тим, па се до ЖРК Вардар, скоро три децении, Индира Кастратовиќ е непресушен извор на ракометни приказни, но и сублимат на најдоброто што македонскиот женски ракомет има да го понуди во својата историја.

Низ годиниве сигурно стотина интервјуа се направени со неа, но Индира за мене е класика, а велат класиката е вечна, па затоа ја одбрав за мој нов соговорник. Таа живее за ракометот, денот и тргна со тренинг, па одвои еден час за мене, пред одново да се врати во сала, за да продолжи со работа, сега на новиот ЖРК Вардар, кој ќе го водат со Гордана Нацева. Тој тандем кој го предводеше Кометал до шампионската титула, ЖРК Вардар до пет Ф4 турнири во ЛШ, си има поставено цел да направи сè што е во нивна моќ за нашиот женски ракомет да се врати таму каде што заслужува.

„Новиот ЖРК Вардар е здружение на граѓани, дури и јас се изненадив што сме именувани со Нацева како сопственици, но тоа е некоја новина во Централен регистар. Ние остануваме во клубот за тој да не згасне, да се обидеме да помогнеме, да побараме спонзори, да се одржи женскиот ракомет. Она што не мотивира во сето ова е да се обидеме да го вратиме македонскиот женски ракомет на оние патеки што ги имавме ние и како репрезентација, но и на клупско ниво. Мора да бидеме реални дека ако сакаме успеси, потребни ни се и спонзори. Патот е долг, но го посакуваме тоа… Со една добра екипа не може да се направи ништо. Потребни ни се сретства, спонзори да се вратат во женскиот ракомет, па да имаме два, три, четири подобри клубови со по некој странец во нив, да има конкуренција, посилна лига и од тоа да извлечеме репрезентација… Имаме многу за работа, но даваме сè од себе“, потенцира Кастратовиќ.

А, пред овој Вардар, таа седеше на клупата како прв стратег на шампионски ЖРК Вардар, кој беше страв и трепет низ Европа и со кој Кастратовиќ имаше шанси да стане втората дама (по Ања Андерсен) која и како играч и како тренер ја освоила Лигата на шампионите.

„Секако, жалам што нe успеав да го сторам тоа. Секој тренер, играч, спортист сака да се запише во историјата и лична и клупска. Тоа, како и фактот дека никогаш како играч не отидов на Олимпијада, тоа ми се две работи кои ми се неостварени во кариерата.“

СИТЕ ГО САКАВМЕ НАЈДОБРОТО ЗА ВАРДАР

ЖРК Вардар влезе во историјата како прв тим кој петпати во низа играше на финалниот турнир во Лигата на шампионите во Будимпешта, двапати предводен од Индира, но ниту еднаш не седна на кровот на Европа.

„Првата година беше најдобра, никој ништо не очекуваше на почетокот, а кога дојдоа резултатите сите велеа, па тоа е нормално. Беше тоа ново за мене, но таа година имав само еден пораз и едно реми, а на Ф4 дуелот со Будуќност на продолженија нè исцрпи… Не жалам за ништо, сè работев со срце и душа и давав максимум. Не можам да кажам дали сум имала или немала шанси, јас дадов сè од себе“, заклучува Кастратовиќ и продолжува: „Сите ние го сакавме најдоброто за Вардар. Цело време го баравме клучот да освоиме ЛШ. Тоа не е само тренер, туку да се состави и екипа, да се совпаднат коцките на Ф4, кога е најважно… Паметите и онаа година кога во четвртфинале го елиминиравме Ѓер, сите нè гледаа на врвот… но секогаш постојат некои ситници кои треба да се совпаднат. Знаете на Кометал колку му требаше за да освои ЛШ. Секој во спортот го дава најдоброто од себе, никој не може да цели кон успех со пола сила. Сите сакавме да успееме, но едноставно немавме среќа. Навистина желбата да се стигне со европска титула со ЖРК беше иста како и за со РК. Ништо помалку не им беше дадено на дамите од мажите или обратно. Се бараше подеднакво успех и никој не беше занемарен.“

СО ПИТЛИК БИ РАБОТЕЛА ОДНОВО

Ако би требало да издвои некој од тренерите со кои соработуваше на клупата на Вардар, тоа би бил легендарниот дански стратег – Јан Питлик.

„Јан Питлик за мене е тренер кој го паметам уште од времето кога бев играч, како освојува европски и светски и олимписки медали. Можеби јас во него гледав идол и се изненадив кога почнавме да соработуваме во Вардар и видов дека е пред се човек, а потоа тренер и затоа би го избрала него. Му велев дека не е класичен Данец, затоа што цело време бевме во комуникација, сакаше да се дружи, да се шегува, беше многу позитивен… а, и најдолго соработував со него.“

ОД ЕКОНОМИСТ И КОНТРОЛОР НА КВАЛИТЕТ ДО РЕПРЕЗЕНТАТИВКА

Индира Кастратовиќ, која ја знаеме денес има многу малку заедничко со онаа, Јакуповиќ, која пред многу години се појавува во ракометните води и која доживува вртоглава промена за само две години. Кога ја прашав која беше таа, во тоа време, со солзи во очите се наврати во историјата.

„Која беше? Едно обично дете од една обична фамилија, со четири деца, јас најмала, разгалена… Во тоа време бев играорка, но тогаш ако некој е квалитетен го селектираа за сите можни училишни натпреварувања – кошарка, одбојка… и професорот по физичко ме забележа дека сум левак и дека би можела да играм ракомет. Го повика тренерот на клубот ’Мира Цикота’, кој играше во Републичка лига и дојде да ме види. Не бев воодушевена и не прифатив веднаш, мораа да бараат дозвола од моите родители, па се размислуваа дали да ми дозволат. Порано бев многу срамежлива, повлечена, ми требаше време да се опуштам… Многу брзо се случуваа работите за мене, за само две години влегов во репрезентација, тогаш на БиХ и бевме на турнир „Братство и единство“ во Бихаќ и таму ме примети Бата Ѓуровиќ, од клубот ’Халас Јозеф’, а тие играа во Прва Југословенска лига. За мене тоа беше шок, само што завршив средно училиште и на неполни 18-години заминав од дома… Работите се случуваа брзо и позитивно за мене. Сите мислат дека одеднаш се станува играч и славен, јас работев… Во ’Халас Јозеф’ бев комерцијалиста од 6 до 14 часот, а потоа тренирав ракомет и играв Прва лига. Прво не мислев дека ќе бидам славна ракометарка, туку дека само ќе се занимавам со спорт. Потоа продолжив во Нови Сад, таму работев во Југоинспект – фирма за контрола на квалитетот и квантитетот на сета роба која ќе влезе и излезе од Југославија. Работев контрола на нафта, танкери и затоа секогаш се трудам да им пренесам и на помладите играчи дека само со работа се станува играч. И не само играч туку се во животот.“

А, кога ќе надојдат спомените нема запирање…

„Во Нови Сад станав репрезентативка на Југославија, се подготвувавме за Барселона, требаше да одиме на Олимпијада… По тримесечни подготовки, во четврток треба да патуваме, а во средата ни кажуваат ембарго на колективен спорт… Тоа се едни од најтешките моменти во кариерата. Тогаш Олга Секулиќ, Цеца Китиќ, Драгица Ѓуриќ, Драгана Пешиќ, Кока Баштовановиќ… тие беа ракометарки во зенитот на нивната кариера и таа година да отидевме на ОИ сигурно ќе освоевме медал. Јас тогаш бев 16-ти играч во тимот, заедно со Милена Кнежевиќ и Лела Велкова, а они беа ѕвезди, ѕверки… Бев многу млада, имав 21 година и уште не бев свесна што значи тоа за мене, но гледав каков удар беше тоа за нив што не отидовме на Олимпијада, како шанса да ја крунисаат кариерата на тој начин.“

НИКОГАШ НЕ СЕ ГЛЕДАВ НА ДРУГО МЕСТО ОСВЕН ВО КОМЕТАЛ

Целата кариера на Индира е сумирана во четири клуба, со акцент, секако, на Кометал Ѓорче Петров во кој мина 12 години. Таа имала шанса да замине во друг клуб, но никогаш не го сторила тоа, затоа што сè што и било потребно го имала тука.

„Во 1998 година имав понуди кои подоцна ги разбрав, бидејќи во тоа време и се криеја многу работи (се смее). Имав понуда од Виборг и тоа многу убава, но никогаш не се гледав на друго место. Тогаш не беа само парите, туку и односот што го имавме во Кометал, бевме како фамилија, бевме сплотени и тоа не ми дозволи да отидам некаде. Тој мир, спокој и таа убавина што ја имавме тука ми беше поважно, и секако игравме ЛШ и правевме успеси. Ако го немаше тоа секако како спортист ќе барав друга средина.. Но тука имавме сè, Македонија, убаво живеевме, во клубот ни беше убаво… И по СП имав понуди, но одлучив да останам тука… По Кометал еден кус период, три месеци, бев во Шпанија, во Гран Канарија, но не можев да издржам. Имаше административен проблем со документите на Зоки и на Сара, која тогаш имаше 4 години, и психички не можев да издржам без нив, не можев да живеам и само им се заблагодарив и се вратив дома.“

Три европски финалиња, титула во Лигата на шампионите, но што е тоа што ја дефинира Индира во целата таа приказна?

„Сите велеа дека сум носител. Трифун знаеше да каже ’Чекам на Индира да и тргне, ако и тргне на неа победуваме. Тоа беше и голем притисок, но и голем предизвик. Не можам да се дефинирам себе без другите во тимот, ние бевме како сложувалка, како лего коцки и секоја од нас беше нешто важно. Немаше да бидеме цели ако ја немаше другата да не спои. Секоја носеше нешто свое. А, бевме и семејство. Во 2000 година кога не казнија и потоа во 2001 не игравме Европа, девојките си заминаа, а јас имав еден разговор со Трифун (затоа што имав договор) во кој тој самиот ми рече ’А ти да направиш пауза?’ – и се случи Сара. Тоа се тие моменти, фамилија… И многу брзо се вратив на терен, иако никој не веруваше во тоа поради породување со царски рез. Сара немаше ни една година, а ние освоивме ЛШ. Сè што се сака и кога се сака, се може.“

„Кометалки“ се семејство и по 18 години од освојување на ЛШ, а она што ги обележа е и песната „Како је добро видети те опет“, која ја присвоија како нивна химна.

„Секогаш сум емотивна кога зборувам за тоа… По казната од ЕХФ и една година пауза никој не веруваше дека Кометал повторно ќе се издигне и дека ќе може да дојде до европско финале. Песната ’Како је добро видети те опет’ го обележа тоа враќање во Европа, во Лигата на шампионите и ние не само што се вративме, туку и ја освоивме титулата. Интересно е што и денеска таа е синоним за Кометал, а гледам дека и во другите регионални клубови е прифатена и буди емоции – особено кај нас, Кометалки.

МАКОВЕЈ – КРЕАТОР НА ШАМПИОНСКИОТ ТИМ

Романскиот стратег Богдан Маковеј беше тренерот започна со креирање на шампионскиот состав на Кометал, а потоа ја предводеше и женската репрезентација на Македонија до 7. место на СП во Германија и тој е значаен лик за сите ракометарки од тоа време.

„Супер тренер и супер човек, во неколку наврати се сретнавме во Романија претходниве години. Човек кој го сака ракометот, знаеше како треба со сите нас и да не мотивира и да не искара, човек кој почна да креира нешто и да создава, а другите само ја продолжија неговата работа. Тој беше долги години во Кометал, до 2000 и за него имам само пофални зборови. Не само за него, за сите тренери општо… Секој има нешто свое, специфично, само треба да се прифати неговата визија и да се пренесеме тоа на терен.“

СИТЕ НЕ ПОТЦЕНУВАА, А ПОТОА СИТЕ НАУЧИЈА КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА

Женската ракометна ера и еуфорија ја предводеше токму Индира Кастратовиќ на Светското првенство 1997 во Германија.

„Македонија првпат излегува на едно големо натпреварување како самостојна држава, патувавме во Германија како комплетни аутсајдери и мислевме дека ќе се вратиме по првиот круг. Тоа е нешто што не се заборава во животот. Тоа треба да го почувствува секој спортист. Како изгледа кога никој не смета на тебе и потоа сите се фрапирани, изненадени и зачудени. Пред дуелот со Данска се договараме во соблекувалната, само да не се посрамотиме, да играме достоинствено, затоа што Данките беа олимписки и светски шампиони. Самоуверени излегоа на загревање, ние се обидуваме да се мотивираме меѓу себе и кога почна мечот. Тоа е она во спортот кога се вели дека не треба никого да потцениш, а тие и не знаеја ни каде е Македонија. Кога ќе влезеш со потценување во натпревар, а и не ти тргне, потоа враќање нема. А, нас ни тргна и на тој меч и потоа и против Романија на продолженија и сигурна сум дека ако не игравме во Германија и со Германија ќе стигневме до полуфиналето. Да бидам реална и ние што игравме по 60 минути веќе бевме исцрпени. Но, тогаш сите дознаа каде е Македонија. По првата фаза во Берлин требаше да патуваме во друг град и таму веќе беше подготвено дека Данска ќе патува, па ја бришеа Данска, за да напишат Македонија и тогаш почна ракометната еуфорија во Македонија, но и ерата на женскиот ракомет. Кога заминавме на СП, тоа беше многу тивко, но кога почнавме да победуваме, се се смени. Зоран ми велеше на телефон – Индира кога играте вие градот е пуст, а јас не му верував. По тоа СП, секоја година бевме на Европско и на Светско, успеси и со Кометал и тука почна да се качува женскиот ракомет.“

71 РОЗА ЗНАЧАТ ПОВЕЌЕ ОД СЕКОЈА ДРУГА НАГРАДА

Како што никој не очекуваше дека Македонија ќе биде седма на Мундијалот, така не очекуваа ни дека Индира Кастратовиќ ќе биде најдобар стрелец и ИХФ заборави да ја награди, но нејзиниот успех не остана необележан.

„На СП секој ден во соба ни стигнуваа списоци за индивидуални достигнувања, а Вале (Валентина Радуловиќ), која ми беше цимерка, ми вика ’еј трета си на листа на стрелци’, а јас и враќам ’Вале ние ќе се вратиме дома, а другите ќе играат уште десет натпревари, пушти ме, не ме заморувај со тоа’, не знаејќи дека ќе останеме до крај. Станав најдобар стрелец на СП, а тие (ИХФ) заборавија да дадат награда и тогаш македонскиот амбасадор во Германија ми рече не се грижи ние не заборавивме и ми подари 71. роза. Да добиев награда на првенството, една плакета и еден саат, ништо немаше да ми значат. Не вака, како тие 71. роза, тој гест, тој момент, ми значи многу повеќе од се. Тој мал гест значи премногу за мене.“

„ТЕРМИНАТОР“

Малкумина знаат дека Индира во почетокот на кариерата имала прекар Терминатор, а интересно е дека во целата своја кариера нема шут, фаул, некој потег или одлука за која сè уште жали.

„Кога почнав да играм ракомет ме викаа Терминатор. Бев силна, висока, енергична и си ги користев физичките способности најдобро што можам. А и во текот на целата кариера играв и одбрана и напад во рамките на дозволеното (се смее). Тоа ми го потенцираше и Јелиз Озел кога дојде во Кометал и ми кажа дека добро ме памети по некој мој напад, кога мојот лакт завршил во нејзината глава… Во кариерата немам потег или одлука за која жалам. Ние правиме грешки на секој меч, во секоја минута, таков е спортот. Едноставно, има екипи кои ти лежат и не ти лежат. Нас ни лежат скандинавски екипи, а не ни лежат наши, балкански. Има екипи со кои е потешко или полесно да се игра и тоа е тоа.“ 

РАКОМЕТНО СЕМЕЈСТВО

Главната поддршка и енергија во целата приказна на Индира доаѓа од како што таа милува да вели „мој Зоки“, односно Зоран Кастратовиќ, нејзиниот сопруг. Нивната приказна е многу оддамна, заедно со ракометните почетоци на Индира.

„Приказната со Зоран почнува во Ада, тој бранеше во машкиот клуб, јас играв во женскиот. Мал град, 80 проценти Унгарци, не го зборував нивниот јазик, ние спортистите дојдени од страна се зближивме. Од пријателство, љубов, потоа продолживме Нови Сад, Белград, и дојдовме во Скопје. Потоа се случи Сара…“

Интересно е дека Сара не сака ракомет и таа е посветена на „хип-хоп“ танцување.

„Сара не сака ракомет. (се смее) Во мојата фамилија пред мене никој не беше спортист, сега зошто мора таа да стане ракометарка, бидејќи мама и тато се ракометари… Мислам дека можеби кај Сара многу влијаеше и тоа што кога почнуваше да ги учи работите, јас доаѓав дома многу изморена, многу патував, имав операции, па лед на нога кога ќе дојдев дома од тренинг… И сите тие слики може малку и да ја оддалечија, а и ние не сакавме да ја форсираме со ништо.“

Зоран е нејзиниот главен советник и тој и помогнал на стартот на нејзината тренерска кариера во ЖРК Вардар, период во кој и двајцата ги водеа „црвено-црните“ клубови, таа женскиот, тој машкиот.

„Апсолутно. Секогаш земам совети од мојот сопруг затоа што сметам дека е одличен тренер. Кога јас почнував со тренерската работа, од кого друг би барала помош и совети ако не од сопругот. Ние сме двајцата заедно во ракометот, тоа е нашиот живот. Ние постојано гледаме заедно Бундеслига, Лига на шампиони, Лига Европа, но не како навивачи, туку секогаш се обидуваме да најдеме нешто позитивно и негативно, си анализираме, играчи, тактики…Истото го правевме и кога ги водевме екипите, меѓусебно си ги анализиравме натпреварите, се советувавме, критикувавме и за мене беше тоа сосем нормално и природно.“

ЗОРАН БЕШЕ ИНИЦИЈАТОР ЗА ПРОШТАЛНИОТ МЕЧ

Индира Кастратовиќ крајот на играчката кариера го обележа со спектакуларен проштален натпревар во кој ги собра најдобрите ракометарки од нејзиното време, и сето тоа на иницијатива на сопругот.

„Сама си го организирав прошталниот меч, јас и Зоки. Во тоа време не се правеа такви работи, а и немаше и некој интерес. Зоран беше иницијатор, тој ми рече имаше убава и богата кариера и треба и на еден убав начин и да се збогуваш. Навистина беше преубаво нешто. Сите што можеа да дојдат дојдоа, сите на кои им побарав помош организациска се согласија и тоа е нешто во што уживаме одново и одново секогаш кога ќе се присетиме.“