Син на екс вардарец даде 76 гола на шест меча и стана МВП и најдобар стрелец на ЕХФ шампионатот!

Повозрасните љубители на ракометот сигурно се сеќаваат на левиот бек од Грузија, Тите Каланадзе, кој две сезони (1997/87 и 1998/99) го носеше дресот на Вардар и беше меѓу најдобрите стрелци во тоа време на домашна и на европска сцена.

Неговиот син, Николоз Каланадзе, тргна по стапките на татко му. Тој беше прогласен за МВП на последниот ЕХФ шампионат за младинци, иако Грузија не обезбеди место во полуфиналето.

Не само што беше МВП, 19-годишниот Николоз Каланадзе, беше и најдобар стрелец на турнирот и на шест меча успеа да постигне 76 погодоци.

Само на еден од тие шест натпревари, немаше двоцифрена реализација. Против Турција даде 11 гола, против Австрија дури 18, додека против Словачка стрелаше 15 пати. На Холандија и даде 12 гола, на Бугарија 13, а на Летонија седум.

Неговиот талент беше препознат уште пред три сезони, кога го ангажираше францускиот Шамбери. Паралелно настапува за вториот и за првиот тим, се уште не ја доби вистинската шанса во елитната лига на Франција, но јасно е дека за него допрва ќе се слуша низ Европа.

Тите Каланадзе, пак, по заминувањето од Вардар, играше за италијанскиот Трст, две сезони во турскиот тим АСКИ Анкара, како и во исландскиот Стјарнан, пред да ја заврши кариерата во татковината, играјќи три сезони за Тбилиси до 2011 година.