Симовски: Би било добро што побрзо да се собере репрезентацијата

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Симе Симовски е во исчекување на крајот на паузата поради ситуацијата со коронавирусот, но во моментов за такво нешто нема ни од далеку најава дека би можело да биде во брзо време.

Како што се одвиваат работите сосема извесно е дека во април нема да може да се тренира и играат натпревари, а за во мај уште не е познато што може да се случува. Ова ќе остави многу празен простор така што ќе биде тешко и кога ќе ги собере девојките да може веднаш да го исполни планот кој го имаше пред дуелите кои месецов требаше да бидат одиграни.

„Во деновите кога беше донесена забраната за групни собири ние требаше да почнеме со подготовки за натпреварите со Португалија. Сè беше подготвено, но добивме забрана и тоа мораше да се одложи. Сега очекуваме добри вести и првата можност кога ќе добиеме шанса за да имаме тренинзи ќе го направиме тоа. Сакам да можеме да одржиме повеќе тренинзи пред дуелите од квалификациите“, вели селекторот на женската сениорска репрезентација Симе Симовски.

Тој очекува и во следниот период да има состанок со одговорните во РФМ за да види какви ќе бидат целите во квалификациите кои сега добиваат нов систем и ќе се играат во едно место во рок од пет дена.

„Ќе почекаме да видиме како ќе се одвиваат работите. Сè зависи од договорот кој ќе биде постигнат. Прво ќе мораме да видиме каква ќе ни биде целта во тие четири натпревари за кои е најавено да бидат одиграни во пет дена. Шансите ни се минимални така што ќе видиме после состанокот и како ќе се работи до тие дуели“.

Интересно секако е и прашањето како да се реши шампионатот односно кој да ја освои титулата со оглед на фактот што во моментов се одиграни само неколку кола од втората полусезона.

„Тешко е да се каже како е најдобро да се реши првенството. Ќе треба да се најде модел за да се прогласи шампион. Јас ситуацијата ја гледам од репрезентативен агол. Мене би ми одговарало девојките да ги имам на собир подолго време за да можеме да одржиме повеќе тренинзи. Ни треба повеќе заедничка работа и што е можно повеќе да се работи. Ќе видиме како ќе се одвива и целата ситуација и колку време ќе може да работиме во комплетен состав“.

Инаку, во моментов ракометарките работат индивидуално, но прашање е која од нив колку има одрботено од програмата која ја има.

„Сите девојки имаат добиено програма по која би требало да работат во овој период. Сите знаат што ги очекува и што треба да направат. Дефинитивно имаат план за тренинзи и ќе треба да се придржуваат со него за да може штом биде дадено зелено светло да се продолжи со работа“, вели Симовски за 24 Ракомет.

Засега за сите репрезентации ситуацијата е иста и ниту една не може да тренира односно сите мора да чекаат зелено светло за крај на пандемијата со коронавирусот и враќање на терените.