Симиќ: Благодарам за поддршката што ја добивам од Македонија!

Црна Гора славеше над Хрватска со 32-26 во првото коло од главната рунда на Европското првенство.

Еден од јунаците на Црна Гора повторно беше голманот Небојша Симиќ, кој успеа да собере 14 интервенции.

„Мислам дека играме неверојатно, без респект за ривалот. Играме од првата до последната минута. Неверојатно е чувството, како да сонуваме и не сакаме да разбудиме. Искрено не очекувавме ваков развој на настаните, особено со сите ковид проблеми, ми доаѓаше често на памет – да заврши сето ова и да си одам дома. Сега кога ќе се сетам што мислев тогаш, се обвинувам себе си дека не верував доволно, но едноставно сега сите веруваме и очекуваме големи работи и способни сме за нив“, вели Симиќ за 24Ракомет.

Негов татко е Горан Симиќ, кој своевремено работеше со голманите на Вардар.

„Мојот татко ги поминал најубавите години во Скопје, има многу пријатели таму, тој е горд на мене и ме бодри секогаш. Не знам до каде можеме да стигнеме, но и понатаму ќе играме вака. За нас е секоја нова победа рекорден успех. Сакам да ги поздравам сите Македонци, кои ми испраќаат многу пораки за поддршка. По нашиот меч нормално имаше прозивки на двете страни, сепак тоа е натпревар и се е дозволено, но по натпреварот убаво е кога се аплаудира едни на други. Уште еднаш ги поздравувам сите вистински Македонци и им посакувам многу среќа во иднина“, вели Симиќ.

Црна Гора во главната рунда ќе игра уште против Исланд, Холандија и Франција.