Силен отпор на Мешков, но Барселона со предност од првиот четврт-финален дуел

Екипите на Мешков Брест и Барселона го отворија четврт-финалето во Лигата на шампионите, a гостите си заминаа со победа од 33:29. Во првиот натпревар кој се играше во Брест домашниот тим Мешков даде силен отпор на еден од главните кандидати за освојување на европската титула, но на крајот загуби.

Барселона моќно го отвори дуелот и поведе со 5:1, потоа беше и 12:6. Гостите од почетокот најавија дека сакаат уште во првиот меч да решат сè. Сепак, ракометарите на Мешков не дозволија фаворитот да стигне до лесна победа. По подолго време Мешков успеа да израмни во 26. минута на 15:15.

До крајот на првото полувреме Барселона обезбеди минимална позитива и на одмор замина со гол предност, 17:16. Во продолжението гостите повторно имаа три разлика и во поголемиот дел од вториот дел го контролираа резултатот. Мешков најде сили и уште еднаш се врати во игра. Вајлупов со својот 11. гол во 49. минута најави неизвесна завршница кога израмни на 26:26.

Последните десетина минути беа неизвесни, но, сепак, фаворитот не дозволи изненадување. Во 58. минута Абељо од седмерец погоди за три разлика со што го реши победникот. И покрај тешката победа Барселона останува апсолутен фаворит за пласман на фајнал-форот во Келн.

Најефикасен во победничкиот тим беше Дика Мем со десет погодоци, шест постигна Абељо, а пет Арон Палмарсон. Во тимот на Мешков Никита Вајлупов беше префектен со 11 гола, додека Сташ Скубе погоди трипати. Реваншот се игра за една недела во Барселона.