Се скараа Веспрем и ПИК Сегед

По завршувањето на финалната серија од унгарскиот шампионат, каде што ПИК Сегед два пати го победи Веспрем и ја освои титулата, во јавноста излезе интересна информација.

Претседателот на ПИК Сегед, Петер Суч, во интервју откри дека на неколку дена пред решавачкиот дуел за титулата, спортскиот директор на Веспрем, Ласло Наѓ, го контактирал левиот бек на ПИК Сегед, Ричард Бодо, за трансфер во следниот период.

„Слушнав дека луѓето од Веспрем испратиле понуда на два дена пред вториот меч од финалето за Бодо преку Whats Up, на која тој не одговорил“, вели Суч.

Од раководството на ПИК Сегед денеска се огласија и со соопштение во кое тврдат наместо Наѓ да се јави во нивниот клуб и да се извини за постапката, тој тврдел дека не го направил тоа за што го обвинуваат.

Менаџерската агенција на Бодо исто така го известила Наѓ дека Бодо има активен договор со ПИК Сегед и не е можно да биде откупен, но и покрај тоа Наѓ инсистирал да го контактира играчот.

Наѓ не одговорил на пораките и повиците од Сегед за извинување, па унгарскиот шампион го објави соопштението за некоректната негова постапка.

„Ласло Наѓ е легенда на унгарскиот машки ракомет, кој очигледно сè уште не може да преземе одговорност дека ја извршува функцијата на потпретседател на унгарската федерација. Можеме само да веруваме дека тој ќе научи од овој случај и неговото однесување ќе го крене на ниво на унгарската федерација како што целиот ракометен свет очекува од него“, се вели во дел од соопштението.

Веспрем за следната сезона е во потрага по леви бекови, со оглед на тоа што останаа без Вуко Борозан и Николај Маркусен, па затоа и била упатена понуда кон Бодо, чиј трансфер сепак нема да биде реализиран.