Се раѓа нов МЕТАЛУРГ!

Името Металург беше синоним за ракометот во Автокоманда, Скопје и Македонија. Со девет шампионски титули во машка и женска категорија, и 11 Куп трофеи се вбројува во еден од најтрофејните ракометни колективи во Македонија.

Брендот од Автокоманда лани го „загуби“ своето природно престојувалиште, салата која сега останува со сина боја, но со нова приказна и нови сопственици или корисници. Полека бледее и името на Металург.

Обременет со долгови, машкиот тим веќе не се натпреварува. Во новата сезона сигурно е дека машкиот тим нема да се пријави, но затоа ќе има ДВА женски тима што ќе играат во домашното првенство.

Едниот ќе биде веќе постоечкиот тим на ЖРК Металург, кој е веќе пријавен за натпреварување и во новата сезона во Женската лига. Но, според податоците од Централниот регистар, веќе е регистриран уште еден женски клуб со слично име – „Здружение женски ракометен клуб МЕТАЛУРГ АВТОКОМАНДА Скопје“.

Кои се Металург Автокоманда
Според податоците од Централен регистар, основачи на новиот клубот „Здружение Металург Автокоманда“ се: Бојан Лалиќ, Александар Саша Димитријевиќ, Стојче Гочев, Александар Вељановски, Зоран Попов, Сашо Начовски и Сара Стефановска. Единствено познато име во ракометот е тоа на Сара Стефановска која беше ракометарка токму во „стариот“ ЖРК Металург.
Според податоците од Централен Регистар, овластено лице на клубот ќе биде Александар Вељановски.

Во ракометните кулоари се зборува дека во екипата треба да работат и сегашни и поранешни селектори во младите женски репрезентации на Македонија.

Некои од ракометарките кои биле слободни и со завршени обврски кон некои клубови, од поодамна добиле сигнали да почекаат и да не потпишуваат зашто се подготвувало основање на нов клуб.

Едниот Металург веќе пријавен другиот има рок до утре
За настап во првенството сите екипи имаат рок тоа да го сторат до 1 јули. Екипата на ЖРК Металург тоа веќе го сторила, а „новиот Металург“ има време да се пријави уште денеска.

Покрај печатирана пријава за учество, клубот треба да поднесе и решение за вршење дејност спорт издадено ад Агенцијата за млади и спорт, тековна состојба од Централемн Регистар (не постара од 3 месеци) и поднесена завршна сметка за фискалната 2022 година.

Во Женската лига има само еден ранг на натпреварување и нема испаѓање. Во зависност од бројот на пријавени екипи, тие би требало да бидат поделени во две групи, а да се игра потоа плеј-оф и плеј-аут.

На иста адреса три клуба и една сала
Новиот женски клуб „Металург Автокоманда“ е регистриран со седиште во општина Гази Баба, на улица „Јани Лукровски“ број 6. Ништо необично, ама на истата адреса има регистрирано уште два други активни клубови.

Едниот е актуелниот женски тим на ЖРК Металург кој го освои 5 место сезонава во домашното првенство, а лани беше и освојувач на Купот. На истата адреса се наоѓа и седиштето на машкиот клуб Металург РА кој се натпреварува во Прва лига. Тие беа вториот тим на поранешниот македонски шампион Металург кој не е активен.

Интересно е што на истата адреса „Јани Лукровски“ број 6 се наоѓа и салата Автокоманда. Во минатото со нејзе долги години стопанисуваше токму Металург, но оној „вистинскиот“ кој беше и македонски шампион и освојувач на Куп и стигна до четвртфиналето на ЕХФ лигата на шампионите.

Сега истата сала во владение ја има РК Алкалоид кој таму ги игра своите натпревари, но и оние на вториот им Мулти Есенс.