Се повреди Костадин Петров – на носилки изнесен од салата

Ракометарите на Алкалоид во натпревар од 11. коло од суперлигашкиот плеј-оф на свој терен славеа убедлива победа против Охрид со 31:23 и го заверија третото место на табелата.

Тимот на Кире Лазаров во последните 20 минути остана без Костадин Петров. Македонскиот репрезентативец во 40-та минута заработи тешка повреда на десното колено.

Кружниот напаѓач при судир со еден од противничките ракометари незгодно падна на теренот. Искусниот ракометар не изгледаше добро, му беше пружена лекарска помош и мораше со носилка да биде изнесен од спортската сала Автокоманда.

Во следниот период треба да се знае каква е тежината на повредата на Петров, но најверојатно сезоната за него е веќе завршена.

Тоа значи дека нема да настапи на последните три кола од суперлигашкиот плеј-оф, како и на последните два натпревари во рамки од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024.

Македонската репрезентација на 26 април ќе игра против Луксембург, додека на 30 април во Скопје ќе ја пречека Турција.

Алкалоид во последните три кола ќе игра против екипите на Бутел Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Вардар.

Галевски блескаше, Охрид без муниција против Алкалоид