Се огласија од Јуниор КВ: Заслуживме повеќе респект, нашата совест е чиста!

Екипата на Јуниор КВ со вчерашниот пораз од Струга од 27:25 во рамки од последното коло од плеј-аут фазата го загуби суперлигашкиот статус и во следната сезона ќе игра во Првата лига.

Клубот од Кисела Вода преку социјалните мрежи излезе со соопштение во кое е наведено дека не се задоволни од делењето на правдата на дуелот во Струга.

Новиот прволигаш смета дека заслужувал повеќе респект во суперлигашката конкуренција.

,,На крајот ние сме тие кои што испаднавме директно во прва лига. Во натпреварот против РК Струга во “Нико Нестор”, во една убава навивачка атмосфера, мотивираниот домаќин не се откажуваше до самиот крај, во кој имавме големи шанси ние да победиме против фаворитот, каде на нерешен резултат имавме наш посед, но не знаеме зошто судиите воопшто не дозволија ниту да пробаме да организираме нормален напад и само што ја освоивме топката и се спремавме да повикаме тајм-аут, за поминати неполни 10 секунди кренаа пасивна во 59 минута и 14 секунди. Ќе ги споменеме и сите кулоарски муабети кои беа актуелни низ целиот Плеј-Аут, како на пример добро познатите “три за три” комбинации на екипите, или како некои фаворити “на хартија” однапред немаат шанса да победат против екипа од долниот дел на табелата, како некои екипи се привилегирани и заштитени поради тоа што не се од Скопје, а и како некои официјални лица се блиски на разни начини со некои екипи, тренери, управи на чии натпревари се делегирани и така натака. Но, покрај се ние сме горди на нашите момци кои се бореа максимално фер и спортски коректно против многу фактори и дојдоа на само еден чекор да опстанат во елитата. Овој клуб се знае од каде произлегува и чив природен наследник е, се знае кои луѓе го водат и колку имаат направено за ракометот долги години наназад без разлика каде и во која сала моментално егзистира. Оваа наша екипа составена од македонски играчи, која има просек од 22 години дефинитивно заслужи многу повеќе респект, повеќето чинители во ракометот се надеваме дека се свесни за тоа, а ние како и секогаш продолжуваме понатаму со чиста совест и крената глава и ќе се надеваме и ќе се бориме за во иднина да се решава се на теренот и да нема ниеден друг фактор што би влијаел на тоа, за доброто на ракометот во Македонија”, стои во соопштението на сега веќе новиот прволигаш.

Јуниор КВ загуби од Струга и се сели во Првата лига