Албанија ќе го развива ракометот по шпански рецет

Албанската ракометна федерација направи важен чекор во обидот да го подигне нивото на спортот во земјата. Во Тирана е потпишан договор за соработка со Шпанската ракометна федерација, кој опфаќа тренерска и техничка едукација, работа со судии, администрација и размена на искуства.

Албанија се свртува кон еден од најразвиените ракометни системи во Европа во обид да создаде подобри услови за развој на спортот. Албанската и Шпанската ракометна федерација потпишаа договор за соработка со кој ќе работат заеднички на повеќе сегменти – од теренот, преку едукацијата на кадри, до судењето и организацијата.

Договорот беше потпишан во Тирана, во седиштето на Олимпискиот комитет на Албанија, од претседателот на Албанската ракометна федерација, Лаерт Ќендро и првиот човек на шпанската федерација Франциско Беласкез Гарсија. На потпишувањето присуствуваа и генералниот секретар на Олимпискиот комитет на Албанија Герти Шима, како и албанскиот министер за спорт Бленди Гинџе.

Соработката нема да остане само на формален документ. Предвидени се конкретни технички програми и работа на терен, размена на методологија и знаење во администрацијата, како и заедничка работа во судискиот сектор.

Посебно е предвидена можност за размена на судии, но и организација на курсеви и семинари преку кои албанските кадри би можеле директно да учат од шпанскиот модел. Целта е постепено да се подобри квалитетот на работата на сите нивоа – од тренерите и играчите, до луѓето кои ги водат клубовите и натпреварувањата.

За Албанија ова е значаен чекор, особено ако се има предвид дека земјата во европски рамки сè уште е во процес на градење посериозна ракометна структура. Албанската федерација е полноправна членка на ИХФ од 1992 година, а актуелен претседател е Ќендро, додека генералниот секретар е Арманд Чакали.

Договорот со Албанија е дел од пошироката меѓународна стратегија на Шпанската ракометна федерација. Во последните години Шпанците развиваат вакви партнерства со повеќе федерации од Европа и од другите континенти. Меѓу земјите со кои веќе имаат воспоставено соработка се Романија, Полска, Словачка, Аргентина, Саудиска Арабија и Иран.

Во февруари годинава, на пример, Шпанија потпиша сличен договор со Романија. Таму соработката опфаќа и размена на тренери и судии, заеднички тренинг-кампови, пријателски натпревари и соработка околу организација на натпреварувања. Тоа покажува дека шпанската федерација сè повеќе го користи сопствениот систем на тренерска работа, развој на играчи и судии како основа за меѓународни партнерства.

Албанските медиуми договорот го гледаат како уште еден дел од поширокиот процес за развој на домашниот ракомет. Во последниот период федерацијата се обидува преку соработка со други национални федерации, но и преку односите со ЕХФ и ИХФ, да создаде подобра основа за идните генерации.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾