Се огласија од Еурофарм: Ќе останеме истрајни во желбата за успешна реализација на платформата!

Откако денеска се огласи Општина Битола со соопштение дека има уште една пречка за конечна реализација на „Платформата за ракометна Битола“, и од главниот спонзор на Еурофарм Работник – компанијата Еурофарм, се огласија со соопштение.

„Компанијата Еурофарм и Еурофарм Работник во изминатиов период сесрдно се залагаа за реализација на Договорот со Општина Битола за уредување на капиталната и управувачка структура со ракометниот клуб Пелистер.

Нашите залагања и желба за реализација на „Платформата за ракометна Битола“ беа основна цел со која влеговме во преговорите, а сето тоа да биде на задоволство на сите љубители на ракометот во Битола. Нашиот град оваа ракометна сезона е на картата на ракометна Европа каде што нашите клубови заслужуваат свое место и резултати кои ќе се паметат.

Еурофарм и Еурофарм Работник остануваат истрајни во желбата за успешна реализација на овој договор и во очекување на разрешување на сите економски и правни прашања кои во моментов се наметнуваат“, се вели во сооштението.

В четврток е закажана вонредната седница на Општина Битола на која ќе се гласа за „Платформата за ракометна Битола“, и по која веројатно конечно ќе се стави крај на приказната, па Битола ќе добие силен клуб во Еурофарм Пелистер.