Се враќа дома: Горан Андоновски повторно ќе го води Охрид!

Првото име што се споменуваше за наследник на клупата на Охрид откако стана јасно дека си оди Раде Стојановиќ, беше некогашниот репрезентативец Горан Андоновски. Досегашниот стратег на Тиквеш се враќа дома и во иднина ќе го води составот што годинава играше во плеј-офот од Суперлигата. Се очекува само официјална потврда од клубот за враќањето на Андоновски на клупата на Охрид.

Како можен тренер на Охрид се споменуваше и Кристијан Грчевски кој имаше и конкретна понуда од охриѓани, чија управа сепак се реши за „домашно“ решение. Со Андоновски тимот од Охрид сака да се врати на „старите корени“ и со домашни сили и комплетно нов состав да се вратат меѓу најдобрите тимови во домашното првенство. Во стручниот штаб на Андоновски ќе биде и Наум Бабачев, кој досега работеше со младинските категории во клубот.

Андоновски по завршувањето на играчката кариера, почна тренерска во Охрид, каде што беше тренер до 2019 година. Со овој клуб беше дел од Купот на ЕХФ Куп, каде го мина првото коло и холандскиот Волендам, а загуби во второто коло во двомечот со Порто. Тоа беше и единствениот настап на тимот во европските купови.

По заминувањето од клупата на „гладијаторите“, Андоновски во два наврати го водеше Тиквеш. Лани му донесе опстанок, а годинава откако на Тиквеш не тргна најдобро со Ристе Магдинчев и имаше серија порази, повторно кавадарчани „тропнаа“ кај Андоновски кој се нафати да помогне и му донесе не само плеј-оф на кавадаречкиот тим, туку и до последното коло беше во игра за место во Европа.

Охрид покрај промената во стручниот штаб, ќе има комплетен ремонт и во играчкиот кадар бидејќи заминуваат дури 11 ракометари – Брауновиќ, Ацев, Шилегов, Младеновиќ, Николов, Кривокапиќ, Грубор, Ристески, Шулески, Манасков и Ивановски.

Сигурно е дека ќе има неколку нови засилувања кои се најавуваат, дел од Македонија, а дел од странство. Пред Андоновски ќе биде тешка задача и предивик да ги воигра сите нови членови на Охрид и екипата повторно да биде конкурентна за плеј-оф. Тој е навикнат на предизвици, па сигурно Охрид пак ќе биде тим што ќе им пркоси на фаворитите.