Се воведува ВАР во ЛШ, некои натпревари ќе се играат за викенд, доделени организации на ЕП…

Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација денеска имаше состанок во Истанбул, на кои беа донесени или потврдени неколку нови одлуки.

Најважната е дека се воведува ВАР систем на натпреварите од Лигата на шампионите во двете конкуренции од следната сезона.

Покрај веќе постоечките шест вајлд-карти на кои има право ЕХФ, но за кои тимовите мора да ислполнуваат одредени критериуми, се воведува уште една вајлд-карта за која европската куќа на ракометот, може да ја додели на тим без да бидат исполнети сите услови што претходно се бараа.

Националните федерации сега ќе може да бараат по две места во елитната конкуренција, но со фокус на женската ЛШ, а тоа значи дека можеби ќе има по две или три екипи од некои држави.

Покрај системот за видео проверка, беше потврдена и одлука за челинџ на тренерите, кои ќе можат да побараат судиска проверка на натпреварите од европските купови.

Дел од натпреварите во машката Лига на шампиони ќе може да се играат за викенд, додека потврден беше и терминот 20:00 часот во сабота и 18:00 часот во недела за дуелите од женските купови.

Доделени беа и организациите на кадетското и младинското ЕП во машка конкуренција во 2024 година. Настаните кои за првпат ќе имаат 24 учесници ќе се одиграат во Црна Гора (кадети) и Словенија (младинци).