Сефте за Вардар Неготино во плеј-офот, Салиу не можеше сам против сите

Ракометарите на Вардар Неготино ја забележаа првата победа во плеј-офот од Првата лига откако денес славеа победа против Јехона со 34:27.

На почетокот екипата на Вардар Неготино имаше водство од 3:2, но гостинските ракометари од Гостивар го израмнија резултатот на 3:3. Илиевски го донесе првото водство за Јехона од 4:3. Домашната екипа се врати во игра и успеа да се одлепи со четири гола предност, 12:8, во 20. минута. До крајот на првото полувреме предноста растеше за избраниците на Аце Станковски. На полувреме, Вардар Неготино замина со убедлива предност од 19:12.

Јехона во второто полувреме успеа за момент предноста да ја намали на пет гола разлика. Ташев и Пеовски со своите гола ја прекинаа серијата на противникот и повторно обезбедија предност за нивната екипа, 21:15. До крајот, Вардар Неготино рутински го одржуваше своето водство и успеа да ја запише својата прва победа.

Најефикасен во составот на Вардар Неготино беше Петре Пеовски со седум гола. Во екипата на Јехона, Адис Салиу запиша 12 гола.