Сервас: Ако не го победиме Мешков, тогаш…

Претседателот на полскиот шампион Келце, Бертус Сервас за медиумите во Полска пред натпреварот со Мешков Брест зборуваше за последните неуспеси на тимот и слабата игра на последните натпревари.

„На чело на клубот сум 17 години и лесно ги препознавам ваквите тешки периоди. Ја следам ситуацијата во клубот, нема поделби и нема завист помеѓу играчите. Сите сме заедно и знаеме што треба да правиме во тешки ситуации. Неуспесите на тимот мора да прекинат. Ако не го победиме Мешков, ќе ни биде многу тешко да ги освоиме првото или второто место во групата, што значи дека ќе ни биде многу тешко во следната фаза. Особено што после овој натпревар имаме дуели со Веспрем и Вардар. Им ставив до знаење на тренерот и играчите дека ја имаат мојата поддршка. Гледам дека и тие се загрижени за резултатите на екипата. Добро ја започнавме сезоната на гостувањето кај Кил и добро го одигравме до половина натпреварот со Мотор, но од второто полувреме нешто тргна наопаку и продолжува до денес. Важно е брзо да најдеме решение за излез од оваа криза“, изјави Бертус Сервас.

Келце гостува кај Мешков Брест во сабота, наредниот викенд ќе има тежок натпревар на домашен терен со Веспрем и потоа гостува кај Вардар, што не е баш идеален распоред за враќање на победничките патеки.