СЕНЗАЦИЈА: Гвинеја го победи Алжир и остана во игра за мундијалски билет!

На вториот ден од Африканското првенство во Египет, репрезентацијата на Гвинеја го направи првото изненадување, триумфираше против еден од фаворитите на турнирот, Алжир, со шест гола разлика, 28:22 (10:14), во натпревар од групата Б.

Како што е веќе познато, во споменатата група Кенеја го откажа своето учество, па така, за второто место ќе се борат репрезентациите на Алжир и Габон, кои силите ќе ги одмерат во текот на утрешниот ден. Двете репрезентации на свое конто се без бодови и нивниот меѓусебен дуел ќе одлучи која репрезентација ќе продолжи во борбата за мундијалски билет.

Во групата А, домаќинот Египет беше слободен, а денес од оваа група играа репрезентациите на Камерун и Мароко. Победа оствари репрезентацијата на Мароко, која триумфираше со 35:28 (18:14). Веќе е познато дека Египет и Мароко ќе бидат патници во следната фаза, со оглед на тоа дека Камерун загуби од двете репрезентации, но она што е непознато е која репрезентација ќе заврши како првопласирана во првата група.

Зеленортските Острови со убедливата победа над Нигерија од 35:29 (19:15), остварија пласман во следната фаза на Африканското првенство. Во групата Ц освен овие две репрезентации се наоѓа и Тунис кој утре против Зеленортските Острови ќе го одигра натпреварот за првото место во групата.

Репрезентациите на Ангола и Сенегал обезбедија пласман во следната фаза како претставници од групата Д. Двете репрезентации ги добија дуелите против Замбија и Конго и во текот на утрешниот дуел ќе го одиграат натпреварот за првото место во групата Д.

Најдобрите пет селекции од Африканското првенство ќе обезбедат пласман на Светското првенство во 2023 година во Шведска и Полска. Мундијалот на кој ќе учествуваат најдобрите репрезентации од светот ќе се одигра во периодот од 11 до 29 јануари следната година.