Селекторот најави: Ќе има освежувања на списокот, Кукуловски ќе добие шанса

Прв предизвик за Кире Лазаров како селектор на Македонија ќе биде двомечот против светскиот првак Данска во март.

Тој ќе го има главниот збор и најави дека следната недела ќе биде објавен поширокиот список на репрезентативци, од кои ќе ги одбере оние што ќе играат на дуелите со Данска.

Лазаров откри дека шанса би требало да добие левиот бек на Еурофарм Пелистер, Дејан Кукуловски.

„Ги следев двата меча на Еурофарм Пелистер против унгарската Татабања и видов дека одлично се снајде левиот бек Дејан Кукуловски. Тој би требало да добие шанса во следниот период. Го следев неговите настапи и претходно. Секако дека постојат уште неколку играчи кои ќе добијат шанса на поширокиот список, но ќе ја следиме и ситуацијата со сите играчи, како ќе работат за да се наметнат и на скратениот список. Oна што во минатото ни недостигаше е ист систем на игра во кадетската, младинска и сениорска репрезентација, тоа е она што ќе се обидам да го сторам бидејќи со тоа ќе се олесни работата на помладите кога би влегле во сениорскиот состав. Нема да имаме премногу време да ја менуваме играта и филозофијата, за кратко време играме со Данска и нема простор за премногу промени. Ќе го одиграме она што најдобро го знаеме, со оние играчи кои ни се на располагање. Ветувам дека на следното ЕП ќе видите една поинаква Македонија. Брз и модерен ракомет, со игра во два правци“, изјави Лазаров.

Првиот натпревар со Данска се игра на 11 март во Скопје, додека вториот е три дена подоцна во Алборг.