Селекторот е оптимист: Македонија ќе биде моќна!

Машката ракометна репрезентација на Македонија, во ноември ќе го почне новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2022 и за продолжување на  континуитетот во настапите на континеталните шампионати.

Противници ќе ни бидат селекциите на Данска, Швајцарија и на Финска, во групата која според оценката на селекторот Данило Брестовац е коректна и може да се помине.

Селекторот Брестовац е оптимист во однос на квалификаците за пласман на ЕП 2022, но и во однос на тоа како ќе изгледа македонската репрезентација во претстојните настапи.

„Се надевам дека сите репрезентативци ќе имаат добра минутажа и запазена улога во своите екипи. Потезите што ги влечат поголем дел дел од репрезентативците во овој преоден период се добри. Кузмановски направи трансфер во клуб во кој ќе има многу поголема минутажа. Талески доаѓа во Вардар каде сигурно ќе има многу позначајна улога…Мислам дека работите се одвиваат во добра насока и дека македонската репрезентација ќе биде моќна“, истакнува македонскиот селектор за 24Ракомет.

Данило Брестовац на селекторската функција дојде во февруари минатата година, на местото на Раул Гонзалес. Репрезентацијата ја презеде во чувствителен транзициски период, по разочарувачкиот настап на СП 2019 во Германија на кое Македонија за прв пат во последните десет години не успеа да ја мине првата фаза на мундијалот, а освен тоа имаше и лош старт во квалификациите за ЕП 2020 и пораз од Грција во Кожани. Во деби настапот под негово водство, Македонија во гости го победи Исланд (33-34), а потоа одигра нерешено во Скопје (24-24) и со овој позитивен скор против првиот фаворит, го отвори патот за пласман на ЕП 2020. Јануарскиот настап на македонската репрезентација во Виена заврши под очекувањата, со елиминација по првата фаза и освоено 15.место, кое неколку месеци подоцна може да не чини неучество на СП 2021, односно не става на листа на чекање за вајлд карта за мундијалот.

Без разлика каква ќе биде конечната разврска за СП 2021, пред македонската репрезентација сега стои нова цел. Во новиот квалификациски циклус, македонските ракометари под водство на Брестовац ќе се борат да останат на големата сцена и да го запазат континуитетот во настапите на европските првенства. Од вкупните шест настапи на Македонија на ЕП, пет се во серија во последните осум години од ЕП 2012 во Србија до ЕП 2020 во Австрија.

Во првиот циклус натпревар од новиот квалификациите за ЕП 2022, од 4 до 8 ноември годинава, Македонија ќе игра со Финска и со Швајцарија. Во вториот циклус (11-14 март 2021) се двата дуели со Данска, а во третиот (29 април-2 мај 2021) се возвратните дуели со Финска и со Швајцарија.

Пласман на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка, во квалификациите обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група и четири третопласирани.