Секељ: Имав понуди од Фрација, Германија, Швајцарија…но го одбрав Еурофарм Пелистер

Неочекувана промена на голманската позиција имаше во Еурофарм Пелистер. На местото на египетскиот голман Карим Хендави, кој се враќа во татковината и ќе брани за Замалек, доаѓа унгарскиот репрезентативен голман Мартон Секељ.

Чуварот на мрежата кој долги години беше член на Малев, ПЛЕР, Балатонфуреди, Чурго, Татабања и Веспрем, во пролетниот дел од сезоната за првпат имаше интернационално искуство во португалскиот Порто.

Позајмицата од Веспрем во Порто му заврши, а му заврши и договорната обврска со унгарскиот гигант. Секељ вели дека имал понуди од повеќе земји, но изборот паднал на македонската.

„Имав понуди од Франција, Германија, Швајцарија и Словенија, но продолжив да размислувам за решение и да сепак да чекам тим што ќе ми даде шанса да имам многу натпревари во сезоната, не само на домашна, туку и на меѓународна сцена. Затоа се решив за Еурофарм Пелистер. Оваа одлука не е важна само за мене, туку и за националниот тим на Унгарија, бидејќи само така ќе можам да останам во форма и во конкуренција за место на Европското првенство“, вели Секељ.

Тој ќе се бори за место во тимот со македонскиот репрезентативец Марко Кизиќ, а веројатно уште еден голман ќе се приклучи на првиот тим на Еурофарм Пелистер. Битолчани ќе бидат активни на четири фронта во новата сезона – во СЕХА лигата, Лигата на Европа, како и во домашното првенство и во Купот на Македонија.