СЕДМЕРЕЦ: Што е твое, ќе си дојде!

Истрајност, упорност и малку инает - неопходни состојки во рецептот за успех

1.По стапките на ракометарите

Што е твое, ќе си дојде! Кај нас не ретко се врти оваа омилена изрека. Најчесто, кога е тешко да се издржи, уште почесто, кога „ќе дојде твоето“ да се нагласи патот до него.

Овој пат таа е во чест на фудбалерите.

Што бара фудбалот во ракометна колумна? Некој ќе рече „сега сите сакате да се сликате со фудбалерите дека ќе играат на ЕП…“

Не, не е тоа. Ние сме веќе „изнасликани“ со такви успеси. Се сликаат со ракометарите секој јануари и на ЕП и на СП веќе десет години по ред. Се сликаа и претходно со ракометарките…

И нема да расправаме кој успех е поголем, кој пат е потежок, кој спорт е поважен. Ни дали ракометарите ќе играле на ЕП ако конкуренцијата била фудбалска, ни дали фудбалерите ќе стигнеле на ЕП ако УЕФА не го сменеше системот…Секој успех е голем, секој пат е тежок, секој спорт е важен. Тие на терен тоа најдобро го знаат. Ние на тастатура или пред микрофон тоа го пренесуваме до јавноста, секој на свој начин.

Спортот е различен, ама успехот сите го делиме. И маките по долгиот пат. Има во тоа многу заедничко. Впрочем, Македонија не е спортска велесила со два милиони врвни спортисти, па да бираме кое европско или светско ни е повеќе, а кое помалку важно. Секој спортски успех ни е важен, посебно во вакви измешани времиња и го доживуваме можеби поемотивно и поеуфорично од другите. Ама такви сме – за среќа малку ни треба!

И, колку е потежок патот, толку е поголема радоста.

На тој спортски пат до Европа, ракометарките и ракометарите први ја пробија бариерата, потоа успеаја и кошаркарите. Голгота на долгиот пат изодеа одбојкарите, ама на крај и тие стигнаа на европско. Конечно, речиси тридецениската желба, деновиве стана стварност и за македонската фудбалска репезентација. Чекаа и дочека заслужено да и се израдуваат на големата победа во Тбилиси. И фудбалерите и целата македонска спортска јавност. И тука нема никаков грев.

Патот не е ист, нормално, но за сите беше долг и тежок. Заедничка е упорноста и истрајноста на тој пат. Има многу заедничко и во приказните за Горан Пандев и за Кире Лазаров и за нивната пожртвуваност во националниот дрес и во четвртата деценија од животот. Ако, сакате има и една заедничка нишка што ги поврзува најголемите успеси на македонските селекции со домашни селектори на клупата.

А, кога сме кај селекторите, во Македонија фудбалот и ракометот имаат и една невообичаена врска. Ги поврзува селекторско кумство! Па многу нормално е Брестовац да му се израдува на успехот на кумот Ангеловски и Ангеловски да навива и кумашинот да слави пласман на ЕП таму некаде во јуни…Тоа е Македонија!

2.Металург на европско патешествие

Металург тргна на долг пат и тоа не само во преносна, туку и во реална смисла на зборот. Поради комплицираните конекции во коронарни услови и неможноста сите да се сместат во еден авион, ракометарите и стручниот штаб на Металург на дуелот со Адемар Леон во второто коло од Лигата на Европа, во Шпанија тргнаа со автобус.

Меѓу опциите да го откажат натпреварот или во краен случај и настапот во Лигата на Европа за која толку многу се бореа, или ноемвриски да пропатуваат 3.000 километри низ Европа со автобус, Металург ја одбра втората и тргна во европско патешествие. Два дена пат, натпревар и уште два дена од Леон до Скопје. Напорно и исцрпувачки, но нема назад!

Упорноста и истрајноста на македонскиот тим како пример во овие тешки времиња, доби поддршка и од луѓето од ЕХФ кои се во контакт со раководството на Металург и настојуваат да им се најдат при рака на долгиот пат до Шпанија.

За истата рунда натпревари во ЛЕ, ЕХФ го одби барањето на Еурофарм Пелистер да биде одложен утрешниот дуел со Кадетен Шафхаузен во Битола откако речиси целиот тим на битолчани „го прележа“ вирусот по претходното гостување во Данска.

Во ова време – невреме, европскиот пат е тежок и вака и така.

3.И Манасков Втори со историски подвиг

Дејан Манасков, не се наигра нешто многу во националниот дрес на неодманешниот прв собир на репрезентацијата на стартот од квалификациите за ЕП 2022, но затоа пак, неколку дена потоа блесна на клупски план во дресот на Веспрем. И во ризницата на славното ракометно семејство додаде уште еден успех со предзнак – историски.

Манасков ја собра славата во победата на Веспрем против Ференцварош, во натпреварот од унгарското првенство. Унгарците на овој меч прво го одбележаа 400.погодок на Манасков во дресот на Веспрем, а потоа и рекордот  – 16 погодоци на еден натпревар. Манасков со овој подвиг го симна Момир Илиќ од врвот на вечната листа и влезе во клупската историја на Веспрем.

Убава бројка и уште еден убав подвиг зад името Манасков.

И така, се погоди некако две седмици по ред во овој дел да броиме убави работи и шутерски рекорди на македонските ракометари и ракометарки. Минатата седмица беше 19-ката на Симона Стојановска, оваа 16-ката на Манасков. Нека продолжи низата…