СЕДМЕРЕЦ: Швајцарски предизвик

Цирих е последната станица за Металург до групната фаза во Лига Европа

1.Клуб за Европа или клуб за дома?

Реванш со швајцарскиот Криенс и само уште половина чекор го дели Металург од остварување на првата цел во новата сезона – пласман во групната фаза од новата Лига Европа. За „металурзи“, Цирих треба да биде последната станица за продолжен престој во Европа. Се друго уште од старт ќе биде еднакво на неуспех за новиот проект лансиран летово со нови засилувања и со повисоки амбиции.

Утрешниот дуел во Цирих, по многу параметри ќе биде решавачки и за тоа каква ќе биде идината на тимот од Автокоманда.

Пласманот во Лига Европа одново ќе го издигне Металург како клуб на европско ниво, го потенцираше тоа и тренерот Зоран Кастратовиќ сумирајќи ги впечатоците по првиот меч со Швајцарците во Скопје. Не-пласманот ќе го врати Металург одново на нивото на просечен „клуб од предградието“ како што го нарекуваше Лино Червар пред да го однесе Металург до првото европско четвртфинале.

Сега Металург во Цирих носи два гола предност, но и извесна доза на неизвесност по не така убедливата победа како што се очекуваше на скопскиот дуел со Криенс. Факт е дека „металурзи“ победија, но со играта и со ефикасноста баш многу и не се прославија, а и Швајцарците покажаа дека баш и не се аутсајдери во оваа конкуренција. Крајниот резултат сепак, малку го поправи впечатокот дека во тимот од Автокоманда има доволно потенцијал ако „се наредат коцките“. Друг факт е дека сега притисокот е многу поголем и утре секоја грешка може да биде фатална за Металург. И ако сега не се наредат како што треба, до крај на сезоната наместо во Европа, ќе си ги редат коцките само дома во Супер лигата.

Овде пак, малку се игра, па малку се паузира.

Дека има корона…

2. Да ја вратиме публиката, ама прво ракометот

Колкумина видоа како игра Металург на европска сцена, во новото издание засилен со Хорват, со Тарабокија…со Серафимов на одговорна задача со полна минутажа? Во живо, само неколкумина. Десетина новинари горе и уште десетина членови на управат на клубот малку подолу во ложата. По протоколот кај нас нема публика, а во оваа фаза од натпреварите нема ни телевизиски преноси. Се остана на новинарски извештаи и на „усни преданија“.

За ракометот на подолг рок – погубна ситуација.

Спортот без публика не е тоа што треба да биде. Тоа ни е и повеќе од јасно. Токму затоа низ салите во Европа веќе почна да се менува сликата. Се нормализира ситуацијата и во новата коронарна реалност публиката се враќа на трибините. Внимателно, редуцирано, но се враќа. Не дека нема, има и вирус и опасност и закана, но спортистите и клубовите се справуваат со ситуацијата и се настојува тоа да се сведе во некоја нормала.

Кај нас протоколот сè уште не дозволува присуство на публика на спортските натпревари. Мерките се поригорозни, а бројките поалармантни. Решение има, ефикасност нема.

Само што тргна иницијатива на дел од ракометните клубовите за враќање на публиката на трибините, се појави првиот бран на зараза во машката Супер лига и РФМ како прва мерка ги стопира натпреварите во А групата на 15 дена. Набрзо потоа „карантинот“ од „А“ се префрли и на „Б“. Децата се дружеле (неофицијално), Работнички пријави позитивни (официјално), а потоа РФМ без многу објаснување што и како за понатаму, прогласи 15-дневен мораториум и во другата група и сега машката Супер лига комплетно е стопирана. Како ќе се одвиваат работите по „карантинот“ ќе видиме. Дај боже да попушти вирусот, оти ако потрае вака како што тргнало може да имаме проширена, ама недоиграна лига, па и во 2021 да имаме шампиони и вицешампиони од 2019. А, другите пак да играат тоа што ќе одиграат – за „бабино здравје!

3. Дамите на терен

Додека машката Супер лига мирува зафатена од короната, женската Супер лига за среќа, е „негативна“ и таму засега се игра според планот А, дури паѓаат и позитвни 50-ки во Автокоманда. Дамите се покажаа поотпорни или во новата ситуација, подисциплинирани и поодговорни.

Така, во изминатава седмица некако најактуелни станаа вестите од Автокоманда. Машкиот тим актуелен со настапите на европска сцена за место во групната фаза од ЛЕ, а женскиот тим супериорен на домашен план со првата 50-ка во новата сезона, или попрецизно 51 гол што ЖРК Металург го постигна во дуелот со новиот суперлигаш Шампион победувајќи со 51-18.

Дамите први ќе го скршат мразот во новата сезона и на репрезентативен план. Македонските репрезентативки од денеска се на првиот собир со кој ги почнуваат подготовките за новиот циклус квалификации за СП 2021. За избраничките на селекторот Симе Симовски се отвора нова шанса во декемвриските квалификации на домашен терен да изборат нов бараж. Тоа пак ќе значи чекор поблиску до остварување на дамнешната желба, женската репрезентација еден ден повторно да заигра на едно големо натпреварување. Во годината во која машката репрезентација го губи деценискиот континуитетот ако не настапи на СП 2021 во Египет, што е многу веројатно откако ја загуби битката за европските вајлд-карти, како мелем на рана би дошол таков подвиг на женската репрезентација. Мотив плус колку и да изгледа сето тоа далечно и нереално од сегашна перспектива. Но, како се менуваат условите во новата реалност, никогаш не се знае што ќе биде.

Дамите се на потег.