СЕДМЕРЕЦ: Шампионот зад камионот!

1.(Не)извесна сезона со (не)очекуван крај

Комплетна смена на врвот донесе финишот на сигурно, најпресвртната сезона во најгломазната македонска Супер лига во последните 10-15 години. Македонија има нов шампион и нов вицешампион, нов „поредок“ на табелата и нови играчи на сцената.

Еурофарм Пелистер по 18 години ја врати титулата во Битола. И тоа, како случајност или куриозитет  – по 18 години пак со Звонко Шундовски во стручниот штаб, тренерот со кој битолскиот тим беше шампион и во 2005 година. Овој пат во тренерски тандем со Александар Јовиќ.

Вардар пак, по 18 години за прв пат падна од врвот на третото место. Тоа е најлош домашен пласман на вардарци токму од сезоната 2004/2005 кога Пелистер исто така беше шампион. Најтрофејниот македонски клуб и двоен европски шампион, со години беше неприкосновен и недостижен на македонската ракометна сцена, но кризата си го наплати долгот, а европската суспензија дојде уште и како дополнителна камата. Во сезоната во која кај вардарци попушти силата во одбраната на тутулата, пехарот во Купот на Македонија, останува како сатисфакција и доказ дека Вардар може(ше) и многу повеќе од тоа што го одигра во плеј-офот.

РК Алкалоид за една сезона „прошиша“ од дебитант до вицешампион и експресно избори деби настап на европска сцена. Тимот кој е и прва клупска тренерска станица за Кире Лазаров, направи рекорден исчекор и тоа сезонава исклучително на домашен погон, со селектирани и регрутирани домашни играчи без ниеден странец.

Деби-пласман во Европа слави и Тиквеш кој имаше изненадувачки силен старт во плеј-офот и на крај  заврши како четврти по жестоката и до крај неизвесна борба со Охрид и со Бутел за последното место што води во европските купови.

Од оваа необична сезона, ќе остане забележано и тоа дека и едниот и другиот евро-дебитант решавачкиот исчекор го направија против поранешниот двоен европски шампион! Нешто што пред некоја година би било рамно на научна фантазија.

Но, времињата се менуваат, се менуваат и шампионите. Се менува и спортот, се менуваат и луѓето и позициите, па дури и вредностите.

2.Ред и чест за шампионот

„Част је част, а власт је власт…“ велеше Балшевиќ во една од песните. И „јед је јед, а ред е ред…“ во другата строфа (ќе ми извините за србизмите, ама Ѓоле во превод не е тоа –тоа). Дојдоа некако овие познатите стихови во главата како химна, во финишот на ракометната сезона во Македонија и во церемонијата на „крунисувањето“ на новиот шампион.

Може да го сакаш или не до толку и Битола да не ти е баш попатно, ама Еурофарм Пелистер е новиот ракометен шампион на Македонија и ред е тоа да се испочитува токму како што доликува во спортот. Битолскиот тим по безмалку две децении, го оствари сонот, успеа да го симне Вардар од тронот, уште од претходно ја осигура титулата, а по последниот плеј-оф меч вчера, следуваше и официјалната промоција. Титулата по цели 18 години се врати во Битола…И пехарот некако пристигна од „зад камионот“, безмалку, во последен час.

И му беше врачен на новиот шампион од член на УО како „заменски претседател“ и официјален претставник на Ракометната федерација на Македонија. Не од највисокото раководство на националната федерација како што е вообичаена практика.

Не е „нелегитимно“, ама не е ни вообичаено. Кога веќе се врачуваат на највисоко ниво пехарчиња и медали и во најмладите категории, нели, „ред е и чест“ достојно да се испочитува и шампионот на Македонија.

Минус за потегот од  куќата на ракомет, без разлика која била причината.

Како и да е, Еурофарм Пелистер го оствари сонот во тешка сезона и одново ја „раззелени“ ракометна Битола. Ракометот пак е во мода на Широк Сокак, а битолчани знаат тоа да го прослават на свој начин.

3.„Титули“ за фер-плеј

Во завршницата на сезоната во која во Македонија богами, имаше се и сешто и од се по нешто, вредат да останат запишани и два исклучителни  потези на фер-плеј и спортско пријателство.

Едниот е „шпалирот“ на ракометарите на Тиквеш  на почетокот од натпреварот во Битола низ кој ги поздравија новите шампионите пред меѓусебниот дуел. Убав спортски гест на кавадарчани, почит за титулата на пелистерци и слика за убавата страна на спортот.

Другиот е оној редок или подобро, единствена потег на Пролет со барање да им биде поништен последниот гол од пенал и да биде регистрирана победа за Бутел во меѓусебниот дуел кој по мешаницата во финишот, првично заврши со реми.

Колку и да беше небитен резултатот за крајниот пласман, Пролет испрати убава фер-плеј порака: „Резултатот во случајов не е толку важен колку респектот што треба да се гради меѓу сите чинители во македонскиот ракомет. Затоа што мак-ракометот е многу повеќе од една победа или пораз“.

И на крај натпреварот и официјално беше пререгистриран со новиот резултат, а „машината“  беше единствениот виновник откако Натпреварувачката комисија по истрагата утврди „технички недоследности и технички пречки на уредот за контрола на времето“.

Сезонава во македонскиот ракомет ама баш имаше од се по нешто!