СЕДМЕРЕЦ: Чукна тапанот за Краков

Старите ги испративме во репрезентативна пензија, а новите за некој ден ги испораќаме на мундијалската сцена

1.Старите отсвиреа, новите се штимаат

По ракометен почеток на годината од овој македонскиот – здравје! Старата генерација заради која една и пол деценија во Македонија секој јануари „застанува“ и ракометот е главна тема, на еден убав спектакл и официјално отсвире крај и ја предаде палката на новите момци во црвено-жолтиот дрес. И аманетот да ја продолжи ракометната традиција. Новата генерација за четири дена стартува на СП 2023 во Полска и Шведска.

И по седум години повторно се враќаме во Краков. Со стари спомени и со нови надежи…

Нив ги сакаме поради ракометот или ракометот го сакаме поради нив? За многумина тука веќе нема разлика уште од Ниш после Вараждин. Таму некаде во Вараждин 2009, почна една нова македонска ракометна традиција што трае, еве, безмалку една и пол деценија. Македонија секој јануари е „заразена“ од ракометна треска токму поради македонските ракометари испратени, придружени или дочекани од настапите на европските и светските првенства. Некогаш повеќе, некогаш помалку еуфорично, зависно од играта и од резултатите, но секогаш, без исклучок, бучно и колоритно.

Не, не е тука заборавена, ни занемарена женската претходница и она го направи женската ракометна репрезентација во 90-те, ниту пак првите репрезентативни чекори на онаа постарата генерација предводена од Пепи Манасков, но генерацијата на Кире, Борко, Ванчо, Жути, Раде…отвори една нова страница во македонскиот ракомет. Тие успеаја да го прескокнат десетгодишниот јаз и да останат на „другата страна“ кај големите, да бидат свои и единствени, чист домашен производ (ако се занемари онаа апсолутно непотребна вуги-прибак-пасош епизода), успеаја да ја обединат нацијата и да ја покренат „Фалангата“. Никој не знаеше како, но тие успеваа да се надминат себе си и да ја победат Германија, Русија, Словенија…да прават подвизи и да уриваат рекорди.

2.Директоре, спортска пензија!

Приказната на генерацијата што замина почна со оној историски бараж со Исланд во 2008. Или можеби, попрецизно со оние турбуленти квалификации пред тоа, 14-та на Кире и историскиот седмерец на Борко со Португалија…А, потоа се редеа коцките една по друга и секое ново првенство беше приказна за себе. На тие први светски и европски првенства имаше посебна аура околу макеоднската репрезентација, играа еден за сите и сите за еден. И имаа успех. И публиката ги сакаше и кога победуваа и кога губеа. И оттогаш „фалангата“ ги следи и ги бодри, од Вараждин до Дебрецин. И сега до Краков по втор пат.

Прошталниот спектакл беше убаво збогум за старата генерација и добредојде за новата  пред полна сала и во убава атмосфера. И на задоволство на македонската публика уште едно потсетување дека Ванчо и сега може и кога не може, како во Задар кога буквално ја влечеше повредената нога, дека Раде уште знае да испорача „проектил“ како оние на времето што им ги „сервираше“ на Исланд и на Норвешка, само сега „во мир“ со селекторот. Дека Кире пак е „мандатор“, а Борко „министер за одбрана“. Дека Бранче знае да засвири и да ја крене атмосферата како што знаеше кога „бркавме малери“ во Србија…Дека Жути уште може да протне глава каде што друг не пушта ни рака…И дека се уште морници поминуваат кога ја пеат химната, исто како некогаш со Кире на чело и со Мојсо на крајот од колоната. Добро, некогаш беше само малку погоре раката…Но, директорот може да се „извади“ за „грешката“.

Можеби не е лоша идејата овој проштален спектакл со кој славната ракометна генерација, беше испратена во репрезентативна пензија, да биде некоја почетна иницијатива и за доделување на вистинска државна спортска пензија за спортистите кои оставија траен белег во македонскиот спорт број еден. И, воопшто за сите македонски спортисти и спортистки со забележителен број репрезентативни настапи и со 15-20 години репрезентативен стаж како за стандардните работни пензии.

Тоа е „чист критериум“. Бидејќи, под овие или оние околности можеби многумина може да станат репрезентативци, но ниеден „проект“ не може да ти обезбеди 15-20 години репрезентативен стаж, освен посветеност и квалитет.

Велат, „паталец“ знае подобро од „гаталец“.  Наумче Мојсовски како дел од славната ракометна генерација, многу подобро го знае тоа од искуство, а сега од позиција на директор на Агенцијата за млади и спорт, можеби и единствен што може да „проигра“ за  спортистите – да иницира и да издејствува спортска пензија за долгогодишните македонски репрезентативци.

Така би се заокружил циклусот не само со врамен дрес, туку и со регулиран статус на сите оние кои со децении биле дел од националниот тим.

3.Краков и петок 13-ти

Старите ги испративме во репрезентативна пензија, а условно, новите за некој ден ги испораќаме на мундијалската сцена. Машката репрезентација на Македонија по осми пат ќе биде дел од светските ракометни првенства, сега за прв пат и дефинитивно со Кире Лазаров само како селектор и без стари повратници на помош.

И повторно чукна тапанот за Краков.

Репрезентативно подмладени и навивачки подновени со нови тапани за старата „Фалангата“, тргнуваме во нов поход на Краков. Нека ечи „Таурон Арена“, познат ни е теренот од Европското во 2016. Има и добро и лоши спомени од тоа првенство. Беше едно од првенствата со најмногу пресврти, но, тогаш фативме некако втор круг и олимписки квалификации, а потоа дојде разочарувањето во Гдањск и почеток на крајот за генерацијата што сега ја испративме во пензија.

Краков и „Таурон Арена“ сега носи нов предизвик за новата генерација и за Кире Лазаров во селекторската позиција.  Филип Кузмановски тогаш беше дебитант со пукната аркада, а сега веќе израснува во нов лидер со бундеслигашко искуство. Заедно со Филип Талески и најискусните на списокот Манасков, Митревски и Георгиевски се очекува да бидат носители на играта на македонската репрезентација. Манасков тогаш го постигна тој „златен гол“ против Србија за втор круг, сега може да има некоја слична реприза. Кој знае…

Групата е тешка со противници како Норвешка, Холандија и Аргентина, но шансата за пласман на Македонија во втора фаза не е однапред исклучена. Впрочем, би било неспортски и губитнички да биде така.

Контролните подготвителни натпревари во некои сегменти загрижуваат, но во некои даваат надеж. На нив секако, не се ни отвораат сите карти пред настап на СП.

Првиот натпревар се погоди со Норвешка. И се погоди на петок 13-ти!

Нека ечи „Таурон“ од тапанот на „Фалангата“. Среќно за Македонија!