СЕДМЕРЕЦ: Фармација и црна металургија

„Фармацевтите“ во подем, Металург во „црна серија“

1.Победничка доза

Вардар и Еурофарм Пелистер според фаворитската улога, очекувано се издвојуваат на врвот со максимални три од три уште на стартот од новата суперлигашка сезона. Очекувано или не, водечката тројка без пораз ја комплетира Пролет кој и годинава со време си го фати патот нагоре. Со време да си се обезбеди, домаќински.

Најпозитивен впечаток, пак на стартот остава вториот битолски тим по бројка, прв по традиција, Еурофарм Пелистер 2. Од базата и резерва за „единицата“, Александар Јовиќ направи „супер двојка“. Стабилен и перспективен тим кој ослободен од товарот на очекувањата што го носи „единицата“ , си игра и си ги решава фаворитите, а патем од втор план „вади“ и најголем напредок кај неколку млади репрезентативци.

Еурофарм Пелистер 2 прво го „изненади“ Бутел со високи амбиции во најава, а потоа го дозацрни Металург во Автокоманда.

Со вкупно пет од шест за двата тима, битолските „фармацевти“ на стартот од сезоната дефинитивно имаат „победничка доза“.

Победнички за сефте тргнаа и скопските „фармацевти“. Новоформираниот РК Алкалоид со многу репрезентативен кадар во составот и со селекторска постава на клупата, победнички ја почнаа новата македонска ракометна приказна во Првата лига.

Она што неделава е заедничко за битолските и за скопските „фармацевти“, освен дејноста на спонзорите, се разбира,  е тоа што и едните и другите имаа лек за Металург. Еурофарм Пелистер 2 за Металург во Супер лигата, а РК Алкалоид за Металург РА во прволигашката пресметка.

Така, фармацијата, во позитивна спонзорска смисла, станува се побитен играч на македонскиот ракомет и го зазема местото на „црната металургија“.

2.Тешки денови во Автокоманда

Металург влезе во „црна серија“ со три порази по ред и старт во сезоната каков што не се памети во Автокоманда во последните 10-15 години. За уште една дијаметрално спортивна насока од она што беше летово во најава и она што го гледаме на почетокот на сезоната како реализација. Нешто слично како лани, но овој пат во уште полоша верзија.

Откажаниот настап во Европската лига беше прв аларм за тешката состојба во која запаѓа некогашниот четвртфиналист во ЛШ.

Масовниот одлив на играчи, било да се причините оправдани или спорни, веќе е и тоа како сериозен проблем за Металург.

Со десеткуван состав во кој половина се голмани и пикери и со принудна трансформација на Велко Марковски на залез на кариера од класичен дефанзивец во бек шутер, за „металурзи“ ќе биде тешко да излезат од „црната серија“, па нека е Златко Хорват и 120 минути на терен.

И ако не се интервенира што поскоро со најавените засилувања, Металург тешко дека ќе може да ја спаси и сезоната која ја стартува од невообичаена за тимот од Автокоманда ептен долна позиција на табелата со нула на конто.

3.Некој губи, некој добива

Кога некому ќе му се стемни, на друг ќе му се раздени. Така некако излегува и со ситуацијата во Металург од која Вардар непланирани ги доби Њокаси кога го загуби Гурбиндо, а Охрид профитираше со Додиќ. Па и другите собраа кој што стигна.

Ако се погледне последниот суперлигашки дуел во кој охриѓани достојно му парираа на шампионот, ќе се види дека главниот збор во нападот на Охрид го имаа токму засилувањата од Металург – Додиќ и Шилегов. Екс-металурзите во дресот на Охрид заедно постигнаа 12 гола во дуелот со Вардар, или безмалку половина од вкупните 29 на својот нов тим.

Вардар неочекувано, наиде на силен отпор на суперлигашки терен, но  очекувано ги однесе бодовите и очекувано го држи врвот на табелата по првите три кола.

„Црвено-црните“ сè уште „се бараат“ со подновениот состав во новата сезона, но и не се даваат и покрај сите непредвидени ситуации што ги снајдоа.

Овој Вардар сега дефинитивно е поразличен од оној Вардар од пред неколку години кога Шпанците зборуваа македонски. А, некаде помеѓу се изгуби шпанскиот репрезентативец познат и како македонски зет, Едуардо Гурбиндо. Дојде со полна уста пофалби, заминува без да одигра ниеден официјален натпревар во „црвено-црниот“ дрес, со поплаки по шпанските медиуми дека овде „не било како што му кажувале“?!

Зависи што слушал и што сакал да слушне…

За среќа на Вардар во измешаната ситуација и Њокаси погрешно разбрале како е во Автокоманда, па наместо со Металург во Супер лига, непланирано заиграа со Вардар во ЛШ. Ним гарант, им се погоди подобро од тоа што очекувале.

А бе, сè е до перцепцијата.