СЕДМЕРЕЦ: Триумф без калкулација

Машката кадетска репрезентација на Македонија супериорно го освои ЕХФ шампионатот (У18) во Летонија

1.Така победува тимот!

Пет од пет победи од кои четири двоцифрени, МВП и плус уште три од седум ол-стар признанија, титула на ЕХФ шампионатот во Летонија и место во А дивизија на наредните две големи натпреварувања за оваа генерација– таков е „грубиот“ биланс на машката кадетска репрезентација на Македонија во супериорниот триумф на ЕХФ шампионатот (У18) во Летонија.

Македонските кадети на овој шампионат играа максимално до крај, до победа без калкулација…Тоа е „одлична одлика на оваа генерација“ која многу ветува.

Велат, по химната се познава победата. И не е тоа само обична фраза, го знаат тоа добро сите спортски вљубеници. На најдобар начин ни покажаа деновиве и македонските кадети. Така како што ја пееја химната, така и играа. Со пехарот во раце сами ја допеаја химната и кога организаторите им ја скратија и ги собраа симпатиите така тимски сплотени, упорни и истрајни. Се надополнуваа, се бодреа и се поздравуваа за секој гол и одбрана, но и кога ќе се „лизнеше“ топка…Тогаш во Рига „летаа“ совети и смирувачки потези, наместо пцовки и навреди како што се изнаслушавме за кадетките на шампионатот во Скопје.

А, види бога ти, можело да се игра ракомет и без тоа! И да слушаат децата, да играат и да победуваат. Уморни се, ама  и среќни и задоволни. Ја победуваат Швајцарија во исцрпувачкото финале, а потоа, ги оставаат пехарите и признанијата и го креваат селекторот, а потоа и целиот стручен штаб на раце, радосни за успехот и благодарни за поддршката. Можело и вака да се игра!

Професионално и тимски, тоа е наједноставната формула за успех.

„Ова е тимски успех на сите. Бевме подготвени, мотивирани, противниците добро анализирани…“ – ќе рече задоволно селекторот Раде Стојановиќ.

А, кога тимската игра ќе ти ја пофали и еден Стефан Ловгрен, тоа е како уште едно ол-стар признание и за потенцијалот на оваа генерација, но и за тренерски добро завршената работа.

И секако, за сите една убава дополнителна сатисфакција.

2.План и стратегија за стабилна репрезентација

Иако станува збор само за кадетски ЕХФ шампионат, натпреварување од „вториот европски ешалон“ за помлади категории, на кои во многу европски земји речиси и да не се обрнува внимание, за Македонија е важно поради статусот на ракометот како национален спорт, но и поради важноста да се извади нова генерација на цврста основа.

Така беше и лани кога кадетките го освоија ЕХФ шампионатот во Литванија, така е и сега по триумфот на кадетите во Летонија.

Важно е затоа што е изборен пласман и место во највисок ранг на натпреварување во оваа возрасна конкуренција, важно е поради пристапот, настапот и начинот на кој беше освоен шампионатот и изборен, а не подарен пласманот.

Но, важно е и што потоа со кадетките и со кадетите кога стануваат младинци. Дали може да останеме во ритам со овој прв чекор напред? Дали  имаме долгорочен план и стратегија како да се задржи континуитетот и со систематска работа од кадетскиот потенцијал да се изгради широка и стабилна репрезентативна база и подоцна за младинските, но и за сениорските репрезентации?

3.Позитивно и негативно искуство

Пред седум дена беше актуелен настапот на македонските кадетки на „домашното“ СП (У18) во Скопје. По ланскиот триумф на кадетскиот ЕХФ шампионат, во мундијалскиот настап годинава, македонската кадетки покажаа дека за една година репрезентацијата и не отишла многу напред. Од оваа или од онаа причина, во одредени сегменти дури и стагнирала. А, лани сликата беше целосно поинаква.

Пред дваесетина дена беше актуелна темата и дилемата зошто Македонија на младинскиот ЕХФ шампионат (У20) во Варна одбра да ги воигрува кадетите, а младинците да ги стави во втор план. Од оваа перспектива, по триумфот на кадетите во Рига, резултатски можеби тоа се покажа како „добар тактички потег“. Кадетите во Рига настапија сигурни, добро подготвени и воиграни. Но, за сметка на тоа, на дел од играчите од повозрасната категорија сепак, им беше ускратен еден настап и сигурно, драгоцено репрезентативно искуство. И тоа стои како факт без разлика на успехот на кадетите во Рига. Како и фактот дека комбинираниот стручен штаб сигурно немаше да погреши и ако за овие два летни репрезентативни настапи опфатеше поширок ростер на млади играчи со репрезентативен потенцијал. И паралелно, да бидат и кадетите подготвени и младинците неизоставени.

Се разбира, со координирана тимска работа, со план и програма и јасно исцртани координати во системот на работа во репрезентациите во сите возрасни категории и горе-долу, јасно поставени и јавно презентирани цели. Тогаш сигурно и забелешките ќе беа помалубројни, а и селекциите појасно дефинирани.

Како и да е, во спортот секогаш има и позитивни и негативни искуства. Треба само да сакаш да ги дефинираш и да знаеш да ги искористиш на најдобар начин.

За селекциите и за играчи што се (не)оправдано заборавени и изоставени, секога имало и ќе има забелешки. Факт е и дека за стабилна сениорска репрезентација треба стабилна, широка база во помладите категории, но и внимателна селекција. А, за сето тоа успешно да функционира, треба проверен систем, континуитет и долгорочна стратегија.

Од летното искуство се покажа позитивен ефект од долгогодишната работа на Раде Стојановиќ со младите репрезентативни категории. Позитивни ефекти има и од взаемната соработка на стручниот штаб во младинската и во кадетската репрезентација (кога веќе се измеша границата…) и во воспоставувањето на системот на игра што ја олеснува работата, но и транзицијата на играчите од една во друга возрасна категорија. Подолгорочно, тоа е позитивна насока и за создавање на препознатлив стил на игра на целата репрезентација.

И секако, позитивно е и што, барем во машка конкуренција, изгледа дека е извлечена поука од старото лошо искуство кога селекторот на сите селекции беше секаде и никаде. Според сегашната поставеност на работите „главниот“ селектор би требало да ги координира сите селекции, но главно да биде фокусиран на сениорската, а  селекторите на помладите категории или „помошници-тренерите“ како што ги потпишува РФМ,  да ги селектираат, да ги подготвуваат и да ги водат кадетските и младинските репрезентации.

Секој со своја одговорност, но сепак, сите во еден систем. Стратегија без калкулација.