СЕДМЕРЕЦ: Трета (не)среќа

По третото враќање, Вујо си заминува од својот сакан Вардар на несакан начин

1.Вардар веќе не е истиот…

Пред некоја година, кога се врати Лино во Загреб по кој знае кој пат, еден ценет хрватски колега во една анализа враќањето го опиша како „подгријана јуха“. Уште на прво читање оваа сликовита споредба ми остана врежана во меморија и ми текнува на „јухата“ на Милетиќ секогаш кога одново се обидуваме да вратиме нешто што било добро порано, ама не е исто „подгреано“.

И, еве така излезе и со третото враќање на Веселин Вујовиќ во Вардар што на крај баш и не беше некоја трета среќа.

По 5-6 месеци Вујо си заминува од својот сакан Вардар на несакан начин. Со една кармична „вратка“ од Обрван за еден далечен пораз од 2012 кога Вардар со Вујо го елиминира Загреб во полуфиналето на првата СЕХА сезона. Тој минимален пораз на Загреб од Вардар тогаш му донесе отказ на Обрван. Овој минимален пораз на Вардар од Загреб сега му донесе иста судбина на Вујо.

Некогаш најомилениот тренер на Вардар, сега заминува со седум порази во ЛШ, во рекордна низа најдолга досега во сите 16 настапи на Вардар во најелитното европско натпреварување. Заминува како „најбезболно решение“,  без поддршка од дел од играчите и со лавина критики од навивачите, во поголем дел оние новокомпонираните кои во Вардар 1961 се уште го бараат Вардар 2017.  Оние постарите пак што го сакаа Вардар и во „Расадник“ и во „Кале“, а не само во „Ланксес“ и во „Јане“ и што делеа со Вујо мајсторе и добро и лошо во некои подруги времиња, го испратија Вујо исто како и што го пречекаа – како еден од своите кој овде секогаш ќе биде дома.

„Вардар веќе не е истиот што беше..“, ќе рече Вујо на заминување.

Факт е дека низ годините се менуваат работите, некои на подобро, некои можеби и не. Меѓу оној стариот Вардар од „Кале“ и овој новиот спасен Вардар 1961 од „Јане“, со годината на формирање како потсетник на традицијата, е Вардар двојниот европски шампион. Токму таа шампионска фаза најмногу го смени стариот Вардар, ја помести перцепцијата, очекувањата, сфаќањата за „црвено-црните“, и во голем дел, ја смени и публиката. Новата шампионска „гарда“, Аљуш не го ни прифати, а и Вујо брзо го отфрли се уште сонувајќи дека „ел команданте“ ќе се врати од Париз или без проблем ќе дојде Парондо од Германија и пак ќе го однесе Вардар во Келн. Без разлика на ростерот и без „ребаланс“ на буџетот. Затоа што Вардар два пати бил европски шампион!

Само, да било така едноставно, со титули, а со малку пари, сигурно и Сиудад Реал ќе го бараше Талант да се врати и пак да бидат шампиони. Затоа што биле некогаш…

2.Вујо или осумтемина?!

Дали Вардар ги реши сите проблеми со смената на Веселин Вујовиќ? Тоа е сега основното и суштинско прашање за најтрофејниот македонски клуб. Оти, за два дена е дербито во Битола, а уште поважно е она што следува од февруари во завршниот дел од сезоната.

Дека тренерот е тој на кој прв „му лета главата“ кога нема победа, тоа е најчеста практика. Дека Вардар влезе во лоша серија, тоа е факт. Дека загуби натпревари што не требаше ни да помисли, како оној со Еурофарм Пелистер 2 во Битола во Супер лигата или последниот од Загреб во ЛШ, и тоа стои.

Но, од друга страна, Вардар со истиот состав и со истиот тренер на почетокот на сезоната „глат“ го доби Загреб во СЕХА, успешно стартуваше во ЛШ, го надигра европскиот вицешампион со стил, а и во лошата серија, пред само десетина десетина дена, со тројца повредени стартери и без класичен среден успешно му парираше на Кил…

Ако биле застарени тактиките и методите, тогаш како беше „модерно“ сопрен Алборг, на пример? „Имаш впечаток дека можеш, а на крај си немоќен во седум кола“?!

Како Вардар од моќен одеднаш стана немоќен? Дали беше само пад и лоша тактика или можеби некој се исплаши од победите и успешната серија на стартот?

Две „свежи“ изјави од деновиве, укажуваат дека „тињата“ во Вардар, за жал, е малку подлабока од површната тренерска смена.

„Полесно е да си оди тренерот, отколку осум играчи“ – рече Вујовиќ, намерно или случајно, точно со бројка.

„Има можеби четири-пет играчи на кои местото не им е во Вардар, меѓутоа не можам да ги менувам играчите на две кола до крај на полусезоната…Колку што постои незадоволство од Вујовиќ, толку има и играчи што играат слабо и не го заслужуваат дресот на Вардар“ – ќе рече Михајло Михајловски појаснувајќи ја „спогодбената разделба со Вујо“ како „најбрза и најбезболна реакција“ и најавувајќи дополнителна анализа и уште некоја смена.

Четири ли се или осум, според најавите веќе е се поизвесно дека Вардар најверојатно ќе има нова чистка и „ремонт“ уште на полусезона, плус нов тренер. Е, сега Шпанец или Балканец, ќе зависи и од буџетот, а можеби и од „осумката“.

3.Дербито ќе ги разбистри работите

Многу работи во Вардар може да се разбистрат уште во среда, на големото дерби во Битола. Вардар без Вујо со заменска клупа ќе се обиде да излезе од „тињата“ и лошата серија, да ги надополни загубените бодови од „двојката“ на Еурофарм Пелистер и од стартна позиција напролет ремонтиран да ја брани титулата.

На другата страна, Еурофарм Пелистер го дочекува дербито во комплетно друго расположение и во победничка еуфорија. По добрата серија во Европската лига, реално растат и амбициите на битолчани за враќање и на децениски посакуваната шампионска титула. А, никогаш како сега Еурофарм Пелистер не бил поблиску до целта.

Разбрануван Вардар од една страна може да биде голема шанса за Бабиќ и за Еурофарм Пелистер да го „порамни“ поразот од Скопје и да се одвои на врвот во Супер лигата пред завршниот плеј-оф.

Од друга страна, пак, Вардар разбрануван може да биде и многу непредвидлив. Па оние „осум“ во дербито да бидат на 200% за да докажат дека проблемот им бил на клупата.

Влогот е значаен, страстите разгорени, салата распродадена, ривалството од дамнина…

Дерби со сите нишани!