СЕДМЕРЕЦ: Тоа што не можеа „големите“, го средија „малите“

„Двојката“ на Еурофарм Пелистер го изненади шампионот и на домашната Супер лига и даде нова атракција. Ви недостасува ли СЕХА?!

1.Вардар не губи лесно на домашна сцена

На прстите од една рака се бројат поразите на Вардар на домашна сцена во последните 7-8 години во кои двојниот европски шампион беше апсолутно надмоќен и „друга димензија“ за останатите. И токму затоа победата на „децата“ од Еурофарм Пелистер 2 против 14-кратниот шампион одекна како голема сензација и тектонски потрес на македонската ракометна сцена. Но, и причина да се пролиста низ „архивата“.

Заедно со овој последниот од Еурофарм Пелистер 2, точно пет се суперлигашките порази на вардарци во новата шампионска ера од 2014, па до оваа 2021. Или севкупно во седум години, седум порази на Вардар на домашна сцена, ако ги броиме и загубениот Куп од Металуг во 2019 и годинешниот загубениот Супер Куп од Еурофарм Пелистер.

Два од суперлигашките порази на Вардар се од Металург во ерата на големото ривалство, и тоа токму во шампионските години на „црвено-црните“. Првиот беше сензација на „металурзи“ во плеј-офот од сезоната 2016/2017, вториот две сезони подоцна во плеј-офот 2018/2019 запаметен како единствен во кој Вардар два пати „беше изненаден“, прво од Металург, а потоа и од Пелистер (оној Пелистер пред битолската фузија).

Четвртиот пораз на вардарци е од фузираниот Еурофарм Пелистер во ланскиот плеј-оф.

А, петтиот на најмалото прсте, неделава го закачи најмладиот тим во лигата, Еурофарм Пелистер 2.

2.Битола се радува, Вардар доби лекција

Колку и да нема логика, има многу вистина во оваа реченица – Тоа што не можеа „големите“, го средија „малите!

Во дербито, она големото, Вардар го победи Еурофарм Пелистер што по сите логики, значеше и речиси обезбедена 15.шампионска титула. Требаше само во Битола да се одбрани скопската „четворка“. Другото да биде само фаворитска рутина, до плеј-офот, па и потоа.

Но, на терен излезе некој друг „есап“. Иако, тешко дека некој пред сезона ќе се осмелеше да игра „кец“ на битолската „двојка“ во дуелот со шампионот.

Впрочем, кој да знае дека Јовиќ за Бабиќ во Битола ќе заврши работа како Ботас за Хамилтон во „Мерцедес“ и непланирано, ќе го „лизне“ Вардар од патеката! И од речиси решена, ќе ја направи трката неизвесна до последен круг.

Вардар доби лекција за ноншалантноста и филозофијата „не знам зошто се замараме со Супер лига во која нема конкуренција…“. Баш и не било така. Го докажаа тоа Александар Јовиќ и момчињата кои можеби не се доволно „мараши“ и „мандалиниќи“ за да бидат во прв тим, но затоа пак знаат да бидат и тоа како незгоди, посебно кога се екстра мотивирани. Победата на младите „пелистерци“ е резултат токму на тоа –добра подготовка, екстра мотивација и супер дисциплина.

Поразот на вардарци, пак е резултат на сопствени грешки и лоши проценки, можеби и последица на некој лош период по трите врзани порази во ЛШ.

Не на густиот распоред, оти СЕХА уште не почнала, кога ќе почне не се знае. Не е ниту до ростерот ограничен со правилото за странци. Не е ни до „паркетот“ ни до семафорот…Туку до играта и до пристапот и внатреклупските односи. Оти, од седмица во седмица, брзо некако се топи и позитивниот впечаток и кредитот што го имаа вардарци на стартот од сезоната.

3.Да не се вратеа уште ќе чекаа…

Сензационалната победа на вториот тим на Еурофарм Пелистер против непоразениот шампион, освен трите бода помалку за вардарци, има и неколку позитивни работи.

-Прво и основно, триумфот е огромна мотивација и сатисфакција и за ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 и за тренерскиот дел на клупата, со статус на „двојка“ и некако постојано во сенка на пославните и позвучните од „кецот“. И покрај повремените осцилации, Еурофарм Пелистер 2, собира се повеќе симпатии и веќе се профилира како стабилна ракометна база, посебно за младите македонски ракометари. Доколку останат доследни во тој правец, и клубот и македонскиот ракомет во перспектива може да имаат само придобивки. Оваа голема радост што ја сподели раководство со тимот, нека биде мотив плус.

-Поразот на Вардар од вториот битолски тим кој, да бидеме реални, и не беше баш на „списокот“ на потенцијално опасните противници што може да го загрозат шампионот, е еден вид и добро приземјување и навремен аларм за Вардар за консолидација.

-Битолската сензација, внесе дополнителна неизвесност и, ако сакате и дополнителна атрактивност, а со самото тоа и многу поголемо внимание на македонската Супер лига. Воедно, оваа победа е и најдобар доказ дека одлуката за враќање на сехалигашите во домашното првенство била и тоа  како оправдана и правилна. Впрочем, да не се вратеа, сега уште ќе тренираа и ќе чекаа СЕХА да почне.

И, не дека баш на секој меч од овие суперлигашките, шампионот и вицешампионот како класа над другите, само така лесно „прошетуваат“ по терен. Додуша, има и по некоја „кошаркарска“ победа, но богами, видовме и тесни мечеви со силен отпор, а еве видовме и ваква неочекувана битолска сензација.

Впрочем, по овие последни две растегливи сезони, публиката веќе и заборави дека се играше некогаш силната регионалната лига. Супер лигата од коло во коло станува се понеизвесна. Но на крај на денот и визата за Европа сепак, се вади дома.