СЕДМЕРЕЦ: Сè по список, „седумка“ на ризик

Селекторот Лазаров одбра 23 пред СП 2023

1.Македонија пред мундијалот

Заврши фудбалската мундијалска треска и сега може на раат да си ја тераме ракометната, во исчекување на јануарското СП 2023 во Полска и Шведска. За Македонија можеби и уште поголема поради настапот на македонската репрезентација, барем за оној ракометниот дел од публиката што и овој јануари ќе фати пат за Краков.

Машката ракометна репрезентација на Македонија утре и официјално ги стартува подготовките за настапот на СП 2023, вкупно осми мундијалски за Македонија, прв за голем дел од новата генерација, прв мундијал и за Кирил Лазаров во селекторска улога. Во пресрет на овој мундијал, на почетокот од новата година, новата генерација и официјално, ќе ја испрати старата во репрезентативна пензија во оној најавен ракометен спектакл за 3 јануари.

Но, ајде се по ред и по список…

Во втората селекција, селекторот одбра 23 репрезентативци што ќе бидат во комбинација за настап на СП 2023. Македонскиот состав за овој мундијал е извесен спој на искуството, младост и делумно искуство, и младост без искуство.

Најголемото искуство во овој македонски состав го носат Дејан Манасков, Никола Митревски, Гоце Георгиевски, Жарко Пешевски и Никола Марковски. Во „средниот ред“ за врска се оние се уште релативно млади, но веќе и доволно искусни и профилирани во нови лидери – Филип Кузмановски, Филип Талески и Мартин Томовски. И останатите две третини релативно помлади и апсолутно помалку искусни, со малку или ич репрезентативни и клупски меѓународни настапи.

Според формата и минутажата сезонава, место во репрезентацијата можеби заслужуваат барем уште три-четворица ракометари што не се најдоа на списокот, смета јавоста, пред се бекот на Еурофарм Пелистер, Марио Танковски со статус на „повремен репрезентативец“.

Но, од сите „селектори“ само еден селекторот е тој што има должност и право да избира кој ќе биде на списокот на македонската репрезентација.

2.„Седумката“ боде очи

За некои изборот на Лазаров е ОК, во стилот „тоа е тоа што ќе го гледаме во иднина…“. За други пак, најмногу боде очи „седумката“ од новиот суперлигаш РК Алкалоид, и извесната предност во изборот за репрезентација што ја добиваат играчите од „клубот на селекторот и на претседателот“ со тенденција за „клуб репрезентација“, во однос на другите. Што за Лазаров во оваа ситуација, може да биде „меч со две острици“ – од една страна „игра на сигурно“ со клупски систем и „дисциплинирани“ играчи под контрола, од друга страна, ризик и одговорност кон репрезентацијата која е македонска национална, не клупска приватна, кон сите играчите за еднаков третман, кон публиката која очекува резултат и кон јавноста која очекува транспарентност. Но, и кон своето име и репутација и се она што значи Кире Лазаров за македонскиот ракомет и за Македонија.

Селекторот е избран да селектира, да води, да стои зад својот избор, јасно и јавно да ги постави целите пред настапот и да одговара за резултатот – позитивен или негативен, без разлика. За да нема после различни толкувања пред и потоа, за силата на противниците и за „должината на чергата“, ниту пак алиби-изјави од  типот „противниците се искусни, ние неискусни“ и „видете каде играат нивните, каде играат нашите“… Се изнаслушавме такви изјави на ЕП во Дебрецин, во Краков не би требало да има „репризи“.

Тоа се барало од секој селектор, нормално е да се бара и од сегашниот и Лазаров со своето долгогодишно репрезентативно искуство тоа треба да го знае најдобро. И да знае умешно и елегантно да ги избегнува грешките на претходниците. А, не непромислено да влетува во нив. Впрочем, како на она нервозно „делење правда“ на терен во Бутел, по суперлигашкиот пораз на РК Алкалоид, не многу достојно и прилично недолично и за селекторот и за најмладиот репрезентативец, осилен и залетан.

Сцената од Бутел ме потсети на една слично непријатна од Автокоманда кога и претходниот селектор се стрча да „дели правда“ и кога тргна да се пресметува, подзаборави малку повеќе на својата репрезентативна улога, кој е и кого претставува.

Впрочем, има и еден правилник за репрезентации со насоки и за репрезентативците и за селeкторите. Не е лошо да се повторат лекциите, одвреме-навреме иако овде во последно време, правилата се повеќе се „мртво слово на хартија“. Ама ако, не е на одмет да се прочита.

3.Старите и новите на ревијален дуел

Пред мундијалскиот настап на македонската репрезентација, најавен е голем ракометен спектакл со кој најуспешната генерација во македонскиот машки ракомет на симболичен начин заминува во „пензија“ и ја предава палката на генерацијата што доаѓа. Ревијалниот натпревар меѓу репрезентативните „пензионери“ и актуелниот состав за СП 2023, закажан за 3 јануари во „Борис Трајковски“, ќе биде убав почеток на годината, ракометен празник за публиката и убав начин да им се оддаде почит на голем дел од ракометарите кои оставија свој белег во македонската репрезентација во изминатите 10-15 години.

Воедно, тоа ќе биде и единствената шанса во подготвителниот период публиката да го види на терен мундијалскиот состав на македонската репрезентација во една од проверките пред настапот на СП 2023.

„Групата е тешка, но Лазаров има адут…“, така вели Лино Червар, во мундијалската анализа. Ќе читаме и ќе гледаме!