СЕДМЕРЕЦ: Сѐ дерби до дерби!

Дали е до викенд термините или пак до зголеменото ривалство, што во Супер, што во Прва, ама домашната ракометна сцена се повеќе го преокупира вниманието на јавноста

1.Нема што немаме!

„Ракометот не бил никогаш поатрактивен од сега“, ќе рече претседателот на ЕХФ, Михал Видерер во она големо интервју за јубилејната 30-ка на европската куќа на ракометот.
За среќа, ние тоа одамна си го имаме и на наше локално ниво во спортот број еден, со сите можни подваријанти. Сезонава пак уште повеќе изразено со враќањето на сехалигашите, со новите бази и пунктови, авторитети, амбиции, планови, проекции, протекции, планирани и непланирани бодови, подвизи и без пари, тимови двајца-без-тројца, експерименти, „мултитаскинг селектори“, тренери најдобри стрелци… кодекси, правилници, кодоши, казни, вербални прекршоци и „фластери“, „партизани и Германци“, „цртани филмови“ и „долен веш“ по социјални мрежи, пораки со „добронамерни совети“, финти и дриблинзи… Нема што немаме!
Секое коло, нова приказна.
Дали е до сè од погоре, до викенд термините или пак до зголеменото ривалство, што во Супер, што во Прва, ама домашната ракометна сцена се повеќе го преокупира вниманието на јавноста, засенувајќи ги дури и оние малку останати „вторник-четврток“ европски настапи на Вардар и на Еурофарм Пелистер.
Освен што повремено си ставаме по некој прашалник што ќе биде во иднина кога за бодови веќе нема да се бројат најуспешните шампионски сезони, па ќе биде малку „потенко“ во рејтингот, другото се некако се сведе на ред најава – ред одјава, пораз или победа и се за ден-два се заборава.

2.Вардар во црна серија, Еурофарм Пелистер се освежи во Атина

Но, ајде сепак, седмицата да ја фатиме еврoпски хронолошки. Вкупно три македонски екипи на сцена во европските купови и вкупен биланс 1-1-1.
По ветувачкиот старт на сезоната во Лигата на шампионите во првите три кола без пораз, Вардар влезе во „црна серија“ и сè уште никако да излезе. По Монпелје, Алборг и Кил, ПИК Сегед го дозамати Вардар со четвртиот пораз по ред.
Интересно е што впечатоците по мечот во Унгарија главно беа – Вардар сам се победи, со сопствените грешки и со потфрлени адути. Што пак некако се повеќе „мириса“ на можна нова реконструкција на шампионот или во најмала рака некоја корекција можеби уште на полусезона.
Еурофарм Пелистер пак, европската сезона тргна обратно од Вардар. Групната фаза во Европската лига ја почна со разочарувачки пораз дома од Ним, па извлече реми во Швајцарија и „на трета“ го победи непоразениот АЕК во Атина. Дали им требаше повеќе за загревање или пак критиките на битолската публика погодија точно во целта, најдобро си знаат Бабиќ и неговите. Како и да е, ракометна Битола и се израдува и на првата европска победа сезонава.
Триото европски настапи на македонските претставници го заокружија ракометарките на ЖРК Вардар со реми на гостувањето против Јуро Унирек во Холандија, во нивниот последен настап во првата сезона во ЕХФ купот по враќањето на клубот на европска сцена.
Иако дуелот беше практично решен уште со убедливиот триумф на Холанѓанките на првиот меч во Скопје, сепак, младите вардарки успеаја достојно да го завршат својот прв настап во Европа. Се вратија непоразени од Холандија и беа единствени од сите наши претставници во европските купови во женска конкуренција што поминаа едно коло и што не играа формално – две во гости. Не е многу, но кога нема повеќе ете, и тоа е нешто.

3. Две скопски дерби-пресметки, две гостински победи

А, на домашна сцена, сè дерби до дерби! Најинтересни, двете скопски пресметки со две гостински победи.
Првиот „брејк“ го направи Бутел на традиционално жешкиот терен во „Македонско сонце“. Со победата Бутел влезе во водечката тројка на суперлигашката табела, а Пролет кој 10 кола храбро се држеше зад шампионот и вицешампионот, сега отиде две позиции надолу.
Второто скопско дерби беше прволигашкиот дуел меѓу Јуниор Кисела Вода и Алкалоид. Новакот во лигата победи минимално и ја задржа лидерската позиција во Б групата, но околу ова дерби уште пред да се одигра се крена многу прашина.
Јуниор КВ ангажира странско засилување на десната бековска позиција, но во РФМ не успеа навреме да го регистрира за да може тој да заигра на дербито со Алкалоид. Од клубот обвинија дека федерацијата намерно ја развлекува процедурата што вообичаено се завршува за два дена. Од другата страна РФМ, се повика на регулативата и процедурата по член 22 со рокот во кој Регистрационата комисија одлучува по приемот на комплетната документација.
Да беше друг натпревар можеби и воопшто немаше да се крене прашина за „регулативата и спората администрација“, но вака пред дербито со клубот на претседателот, поприлично се крена тензијата.
А, целата ситуација, ме потсети на една многу дамнешна случка. Во нашиот клас во основно учеше и синот на учителката. На секоја тест по математика, синот на учителката добиваше петка, а останатите 20-на секогаш се сомневаа дека тој однапред ги имал задачите. Нормално, наивниот детски сомнеж никогаш не се докажа. Само некоја година подоцна кога ни дојдоа повеќе наставници, петките на синот од учителката станаа некако поретки…И, ете и по толку години останала случката да се памети.