СЕДМЕРЕЦ: Струга на кирилица

Јубилејното 50 издание на традиционалниот струшки турнир како увертира пред почетокот на новата сезона

1.Традиција и атракција

И сонце и дожд, и убави потези и по некое „пролизгување“, нови и стари ликови на сцената, бројна публика и добра домашна промоција, очекувано супериорни и неочекувано неизвесни дуели, скратено финале на пенали и титула за Еурофарм Пелистер, вкупно 13-та струшка за битолчани. Сето тоа му даде еден посебен белег на годинашното јубилејно 50-то издание на традиционалниот Струшки ракометен турнир.

Ракометот на отворено е своевидна струшка атракција, можеби малку необична за странците кога ќе дојдат прв пат во Струга. Уште пак и ако им заврне како годинава…Е, тогаш веќе е „комплетно доживување“ на македонската ракометна пасија, дури и кога вадиме не само „срце“ туку и цело „ќебе“ на терен. Нормално, овој пат од практични причини, побрзо да се исуши подот.

Но, Струшкиот турнир со целата своја автентичност воедно е и една убава традиција што низ годините ја негува еден од најракометните градови во Македонија. Традиционалниот летен турнир во Струга по традиција е и една убава увертира пред почетокот на новата сезона. Меѓународен предзнак на турнирот со неколку реномирани странски екипи, но и прво претсезонско одмерување на силите на „главните играчи“ на македонската ракометна сцена од кои дел доаѓаат и проаѓаат, но дел се константа и се борат за превласт низ годините кои Струшкиот турнир сега ги има рамно 50!

Што видовме годинава на јубилејниот Струшки турнир ?

2.Валтер ја освојува Битола

Еурофарм Пелистер во значително изменет состав во однос на лани и со нов скандинавски ритам од клупата сега под водство на Данецот Ларс Валтер, успешно го помина првиот претсезонски тест и со максимални четири победи го освои победничкиот пехар. Ова е вкупно 13-та струшка титула за битолчани. Со неа битолскиот тим во Струга сега се изедначи со 13-ката на Вардар. Двата најтрофејни македонски клуба се двата најконстантни и воедно и најуспешни учесници на Струшкиот турнир. Впрочем, во 50-годишната традиција на турнирот, повеќе од половина од титулите завршиле по пола, во Скопје и во Битола.

Иако, како што велат и од битолскиот тим, има уште простор за напредок и уште работи што може да се корегираат и да се подобрат, Еурофам Пелистер во Струга се претстави во едно ново, сигурно и стабилно издание.

Победничкиот пехар и индивидуалните признанија за Жарко Пешевски како најдобар играч и за Урбан Лесјак како најдобар голман, за Еурофарм Пелистер се и убава претсезонска потврда дека „ги погодиле“ засилувањата.

А, како полн погодок се чини и промената на клупата. Впечатокот „на прва“  е дека тренерот Ларс Валтер точно знае што сака и знае тоа скандинавски прецизно во две реченици да им го „нацрта“ на своите играчи. Дефинитивно, многу поразлично од онаа позната балканска глума и драма.

Данскиот тренер скандинавски практично, предложи решение дури и за лизгавиот терен и струшкиот проблем со дождот – „Ако знаете дека ќе заврне, покријте го теренот да биде сув за после…“. Просто и едноставно.

Со четирите победи и пехарот, Валтер веќе ја освојува ракометна Битола, а ако вака јасно и прецизно го води Еурофарм Пелистер и во новата сезона, Данецот дефинитивно може да стане новиот херој под Пелистер.

3.Вардар на топло-ладно

Вардар годинава ја предаде струшката титула во Битола, но вистинскиот предизвик за „црвено-црните“ допрва доаѓа.

За вардарци е вообичаено да бидат во фаворитска улога и невообичаено да бидат во неизвесност до крај против новиот суперлигаш Алкалоид или да губат два пати по ред од Цеље и од Татран. Овој пат Вардар претсезонски одигра „топло-ладно“, ќе оцени тренерот Владо Недановски, сумирајќи го настапот на турнирот во Струга.

Кај шампионот на моменти недостасуваше сигурност и конкретност во теоретската поставеност и во практичната реализација и малку повеќе смиреност наместо нервоза.

Вардар летово преброди уште една тешка консолидација во новонастанатата ситуација по европската суспензија и факт е дека кај „црвено-црните“ недостасува ротација и се уште има осетна разлика меѓу првата постава и резервата на клупа. Но, факт е и дека на турнирот во Струга не го видовме вистинскиот потенцијал на овој состав на „црвено-црните“.

Вториот посериозен тест за Вардар е веќе утре во дуелот со Нексе за пласман на Ф4 во СЕХА лигата. За „црвено-црните“ тоа е исклучително важен настап за да останат во друштво и во чекор со големите противници во сезоната без европски натпревари. И да го задржат рејтингот што го има Вардар.

4.Струшко деби за Кире Лазаров

Струшкиот турнир е увертира пред почетокот на новата сезона. Струга е своевиден предвесник и неретко токму од Струшкиот турнир доаѓале и првите најави за промените, за односот на силите и за тоа кој ќе биде кој во претстојните натпревари. Како прва и најсилна претсезонска проверка, Струга и годинава го задржува приматот на важна почетна станица.

Настапот на јубилејното издание на Струшкиот турнир годинава беше деби и своевидна промоција на новиот суперлигаш Алкалоид во друштво со трофејни и реномирани противници. Воедно, на 50-от Струшки турнир ќе остане запишано и официјалното клупско тренерско деби на Кире Лазаров на клупата на Алкалоид.

Иако резултатите и пласманот се можеби под очекувањата и можностите на новиот голем проект, Алкалоид како дебитант на турнирот успеа достојно да им парира на сите противници, па и покрај поразите, убаво да ги намачи Цеље и Вардар како фаворити.

Плејада македонски репрезентативци од сите категории, со посебен фокус на младите репрезентативни надежи под водство на селекторот Лазаров во тренерска улога е оној почетен белег на Алкалоид пред новата суперлигашка сезона што го видовме во Струга.

Но, новиот суперлигаш на Струшкиот турнир се издвои и по уште еден посебен белег – со кирилицата на дресовите. Убав потег и убаво изгледа.