СЕДМЕРЕЦ: Селекторот и капитенот

Ни Велко, ни Марко, ни Трајко...ако овде нема добар „пас“, на ЕП ќе биде тешко нас...

1. На „четворка“ критично, на клупа ризично

Останаа уште само три дена до почетокот, четири до првиот натпревар на македонската репрезентација на Европското првенство, овој пат распослано во Австрија, Шведска и во Норвешка, за нас со фокус на Виена.

Ракометарите во Словенија финишираат со подготовките и оттаму заминуваат во Австрија. „Фалангата“, според најавите, ќе им се приклучи од сите страни во забележителен број. Традиционален колорит и поддршка од трибините за македонската репрезентација ќе има и во Виена. Тоа е сигурно. Што ќе видиме пак долу на теренот, тоа од оваа перспектива сè уште е малку неизвесно.

Од претходното ЕП во Хрватска во 2018, до ова сега во Австрија се смени и селекторот, а и голем дел од составот. Се смени начинот на подготовки, а логично, сигурно ќе се менува и играта, барем во некој дел.

Селекторот Данило Брестовац одработе подготовки во две фази, со вкупно шест контролни натпревари. Првата за докажување и разигрување, втората за дефинирање на играта и на составот што ќе настапи во Виена. И едната и другата „карантински“, далеку од очите, а делумно и од притисокот на јавноста, но и од она пред-по празнична опуштеност.

Сумирано, во подготовките имаме еден пехар, четири победи и два порази… и две повреди. Резултатите и се и не се толку многу битни на овие подготвителни натпревари на кои главно се штелува играта и формата и не се покажува баш се. Битно е да бидат во функција на крајната цел.

Повредите не се многу, но сепак доволно за да му донесат дополнителни главоболки на Брестовац, посебно во поставеноста на одбраната. Во нападот и онака веќе си има(ше) доволно за исправање, поправање и додавање, прецизност и минутажа во најголем дел.

Во Романија, се повреди Марко Мишевски, еден од младите сили во сениорскиот тим во кој селекторот има голема надеж. За среќа, повредата на зглобот на младиот ракометар на Гренобл не е толку опасна за да го загрози неговиот настап на ЕП.

Но, загрижувачи, малку и премногу, дојде повредата на дефанзивецот Велко Марковски. На мечот со Словенија, искусниот македонски репрезентативец доби удар во окото што ќе го чини двонеделна пауза и дефинитивно пропуштена прва фаза на ЕП. Велко е докажан борец и можеби ќе може да помогне во вториот дел од ЕП, ако се биде како што стискаме палци да биде. А, во меѓувреме, стручниот штаб, секако ќе мора да најде друго решение за критичната „четворка“ во одбраната. Впрочем, резервна варијанта, план Б или Ц, како и да е, секако треба(ше) веќе да има во новата репрезентативна шема бидејќи до октомври буквално и не се знаеше дали Велко Марковски и воопшто ќе продолжи да игра ракомет. А, сега пак е незаменлив и неопходен! Неговиот придонес во одбраната е драгоцен и не дека не ни треба, далеку од тоа, ама неговото отсуство никако не смее да стане ненадоместлива загуба за македонската репрезентација на ЕП. Уште помалку алиби. Колку и да е на „четворка“ критично, а на клупа ризично.

2.Ќе игра ли капитенот во Виена?

Во оние стрим-информации од Словенија, во сенка на фаулот на Бомбач и уплавот од повредата на Велко, некако во споредно во последен пасус падна друга и тоа како битна информација – дека капитенот Кире Лазаров не влезе во игра ни на отворениот дуел со Словенија, ни на затворениот со Црна Гора. Ако се сеќавате, капитенот преседе на клупата и на двата дуели со Грузија во онаа прва фаза од поготовките во октомври. Тогаш тоа беше објаснето како „тактичка замисла“ да им се даде шанса на помладите, а да одморат постарите. И така тогаш помина во јавноста со „општонародна“ поддршка за младината. Но, помалку зачудувачка беше информацијата дека капитенот не заиграл ни минута ни на последните два контролни натпревари пред ЕП.

Неспорно е дека Лазаров и на 39 има добра сезона во Нант и е во стандардна форма. Неспорно е и дека после две децении во националниот дрес може да игра и со затворени очи и не му треба нешто многу воигрување. Ама сигурно им треба заедно да поиграат за да ја врзат играта на другите што го немаат неговото искуство во нозете. Декларативната поддршка за младите дијаманти на прес е едно, онаа другата кога се брусат на терен, сепак, е нешто друго.

Дека е некое криење на тактика да не не „прочитаат“ предвреме противниците – малку е тешко „за повероват“. Ретко кој или можеби попрецизно, нема таков во европскиот ракомет што не знае што може да одигра Лазаров и колку е неговата улога важна во македонската репрезентација. Дека е одмор и тоа некако не поминува бидејќи Лазаров и другите интернационалци се приклучија во финишот на подготовките, што значи, имаа време малку и да одморат. Дека е нешто трето – можеби…

Зошто не играше капитенот на контролните натпревари во Словенија, официјално не знаеме. Колку и што ќе игра во Виена – ни тоа.

Знаеме дека прв пат по кој знае колку време, во составот на македонската репрезентација за ЕП има три десни бека. За другото може само да претпоставуваме и да поврзуваме некои нишки од изјавата во Рејкјавик до настапите во Виена. Што и не е баш добра работа на 3-4 дена пред ЕП!

Ама, добро знаеме и една друга работа. Ако во репрезентацијата меѓу селекторот и капитенот нема добар „пас“ – тогаш и во Виена ќе биде тешко нас! Сме го гледале тој филм…

Влогот е голем, впрочем како и на секое друго првенство на кое Македонија брка континуитет. Овој пат можеби и поважно од претходно заради транзицијата во тимот од една и новата концепција на следните натпреварувања од друга страна. И да не се разбереме погрешно, ова не е никакво матење вода пред ЕП, само добронамерна новинарска забелешка. Да не биде на крај она со лончето и млекото и сè да отиде низ „убавиот, син Дунав“.

3. За нас и за противниците

Од она што го видовме, колку што можевме да видиме, на контролните натпревари и подготвителната турнеја од Стара Пазова до Словењ Градец, македонската репрезентација и во овој комбиниран состав има потенцијал и без „пасошки допинг“ со некој „мал, брз, среден бек…“. Не ни треба уште една таква екскурзија, дефинитивно.

Дека не е се под конец, како што било некогаш – не е. Имаме смена на генерација и некоја нова концепција, тоа е општопозната констатација. Има недостатоци, падови во формата и „тенки“ позиции, и тоа е познато и подвлечено. Но, нели, предизвикот е поголем и успехот е повреден кога ќе направиш од ништо нешто. Нели, репрезентацијата е гордост, но и одговорност за сите. И има некои повисоки цели кога е националниот дрес во прашање.

Впрочем, во Виена ќе имаме навивачка поддршка и противници со кои „почесто сме победувале отколку што сме губеле“ и со кои „по рејтинг и по квалитет“ може да се носиме.

Австрија е домаќин, но има тука добра шема за пренесени два бода.

Чешка си ја знаеме и стално се раздолжуваме. Чесите во подготовките „покажаа заби“ и сериозни амбиции и тука пак ќе биде интересно и неизвесно. Да се надеваме, само и обратно од тоа што беше пред две години во Вараждин.

Украина пак ни е прв противник и шанса за добро отворање на ЕП. Ако нема неочекувани пресврти и изненадувања.

Не сме фаворити за медал и треба да бидеме реални, ама не сме ни тотални аутсајдери. И за тоа, исто така треба да бидеме реални и одговорни. Првите две места во групата и пласман во втор круг, може и треба да биде реална цел за оваа репрезентација. Се над тоа ќе биде плус. Се под тоа ќе биде дебел минус, и за старата гарда и за новата надеж.

Нека е пристрасно и навивачки, ама нека биде тоа првото!