СЕДМЕРЕЦ: Сега му е мајката!

Ракометарите дисциплинирани финишираат во квалификациите со полесните противници, ракометарките допрва ќе стартуваат во „поволна група“ за пласман на ЕП 2024

1.Квалификации за да се биде или не

Колку и да не се „розови“ последните настапи на македонските репрезентации на континенталните шампионати, на дофат се двете сениорски европски првенства во 2024 година.

Ракометарите финишираат во квалификациите со, условно, полесните противници во групата во завршните два натпревари, на гости со Луксембург и дома со Турција на кои Македонија би требало да го завери осмиот настап на европските првенства. Двата порази од Португалија во мартовскиот циклус значеа загубена шанса за првата позиција во групата и малку го пролонгираа официјалното штиклирање на пласманот. Но, двете победи против сегашните противници во првите два дуели, ја ставаат Македонија во улога на фаворит во завршницата со реални шанси да остане на втората позиција и да го запази континуитетот во настапите на големите натпреварувања што секако, е наша примарна цел во изминатава деценија.

Ракометарките пак, откако киксна во мундијалскиот бараж со Украина, фала Богу, добро поминаа во ждрепката за следното европско и наесен одново надежно ќе стартуваат во, условно, „поволна“ квалификациска група со Шпанија, Литванија и Азербејџан. Доколку летово се потсредат несредените работи внатре во националниот тим, пред македонската репрезентација е голема шанса да се направи тој фамозен чекор напред, да се фати вистинска насока и конечно, да се избори пласман на ЕП.

Без приватизација на националната репрезентација, без изговори, без мој-твој, без разно-разни услуги, експерименти, проекти и без суети.

2.Разбрани недоразбирања

Предноста од есенските победи и фаворитската улога на машката репрезентација на Македонија во завршните квалификациски дуели со Луксембург и со Турција, колку и да се тие важни, на селекторот му оставаат многу поголем и побезбеден простор од оној јануарскиот, да го воигрува новиот состав, да спроведува стратегија и дисциплина со помладите играчи од клупско на репрезентативно ниво и да расчисти со остатоците од стариот кои не се вклопуваат во тој концепт.

Претстојните два натпревари ќе бидат последни репрезентативни за Гоце Георгиевски и одново „затворени“ за Дејан Манасков.

Во изминативе неколку месеци официјално-неофицијално се знаеше дека некаде „пукнало“ и дека односите во националниот тим не се баш како што треба да бидат. Додуша, се правеа некои обиди сетоа тоа да се маскира со „вратите се за секого отворени“ и со оправдано отсутни од „приватни причини“, но на крај на денот јасно беше дека нешто не штима, сепак, но и кај кого е клучот. Сега и официјално од селекторот разбравме за недоразбирањата поради кои вратата на репрезентацијата за искусниот Дејан Манасков засега, сепак, останува затворена.

„Со Манасков имавме непријатно искуство пред и за време на Светското првенство затоа решив да им дадам шанса на младите“, појасни Лазаров на собирот на репрезентацијата.

Арно, се погодија Луксембург и Турција за поткусурување на сметките. Да беше „погусто“,  ќе беше многу поризично спроведувањето на дисциплинската тактика за лошите искуства.

Сега му е мајката да се сведе сметката и да се дисциплинира четата! Додека не дошол јануари…

3.СЕХА источна, СЕХА јужна, СЕХА „тужна“

Од регионалната СЕХА лига не остана ни репрезентативниот Ф4 што своевремено беше, па тука некаде, врвен ракометен настан, пандан на келнскиот во ЛШ. Регионалната СЕХА лига од втора Бундес, стана расцепкана и небитна, повеќе терет и обврска отколку престиж и добивка. Лани едвај се скрпи да се доигра завршницата, годинава и дефинитивно се расцепи на СЕХА исток и СЕХА југ, без некој посебен интерес и од клубовите, а уште помалку од публиката. Со „источен“ Ф4 во Санкт Петербург и „јужен“, можеби во Задар, можеби во Охрид.

Некогаш престижната и богата СЕХА лига, организациски со една нова димензија во ракометниот спорт, но на крај и на преголем регион проширена, тешко ја „прележа“ короната, а директно зависна од рускиот спонзор, не остана имуна ни на актуелната политичка ситуација.

Изминативе две-три сезони до последно не се знаеше ни кога ќе почне, ни како ќе заврши ни кој се и со каков тим ќе игра или нема да игра. Па имаше непривилегирани и привилегирани што играат само завршници. Па потоа, источни и западни, северни и јужни, политички неповолна ситуација за да играат јужните горе на север…За на крај се да се сведе на неколку небитни натпревари, чудни резултати и две завршници – северна и јужна!

А, кога ќе ми текне само, каков отпор беше и  какви битки се водеа со македонските сехалигаши и со нивните фанови пред некоја година кога се прокламираше идејата да се вратат во домашното првенство. Пропаст жива!

И од оваа перспектива сега, убаво се гледа колку Словенците и Унгарците биле во право што секогаш го ставале домашното првенство и националните интереси пред клупските во регионалната лига.

И, колку всушност, ние сме биле некогаш „во криво“.