СЕДМЕРЕЦ: Светка жолто, мајсторе!

Дали е грешката во системот, во ваучерот или пак во клупската политика и менаџмент?

1.Каде отиде капацитетот и квалитетот?

Дека во спортот има подеми и падови, добри и лоши периоди и дека дури и во спортот број еден не цветаат секогаш и секаде рози и не е некоја голема тајна или филозофија. Но, една дилема одамна ми се мота низ глава. Како лани проширувавме Супер лига на 16 со убедувања дека имаме квалитет и капацитет за таква гломазно натпреварување и дека тоа е генијален изум кој го „ископираа“ и многу поголеми од нас, а сега голем дел од тимовите едвај крпат крај со крај и наместо да селектираат најдобри 16, некои за натпревар не може да соберат ни 10?! Има такви примери и во Супер и во Прва лига.

За среќа, проширената лига беше со краток век или со еднократна намена кој отпосле излезе на виделина, но каде отиде капацитетот и квалитетот?

Дали е грешката во системот, во ваучерот или пак во клупската политика и менаџмент? Дали големи планови со краткотрајните наменски проекти редовно проследени и со прелевања и трансфери полека но сигурно го нагризуваат темелот и базата или тоа е некој наш посебен вид на конкуренција?

Неколку индикативни примери сезонава посебно отскокнуваат пред другите.

Прволигашот Шампион викендов на гостувањето против Вардар Неготино отпатува со 7 (седум) играчи, а речиси пола натпревар или ако сакате попрецизно, последните 19 минути ги одигра со 6! Нешто слично беше и претходно на гости во Радовиш. И пред тоа во Битола… Дали е регуларно? Па, не е забрането по пропозиции и регулативи, штом се игра. Но, дали е спортски, етички и на крај физички издржливо 6-7 играчи секој натпревар да играат по 60 минути и да истрчаат за 16, тоа е веќе друга работа.

Инаку, за потсетување, Шампион лани играше во стари репрезенативни дресови, но беше на чекор до пласман во Супер лигата! Сега пак речиси пола сезона игра со безмалку, една постава. Секоја чест за волјата и ентузијазмот, но малку премногу спартански во спортот број еден, нели.

Во малку подобра ситуација, но со приближно исти проблеми, прволигашката сезона ја тера и Металург РА. Некогаш исклучително бројната и престижна ракометна академија на Металург сега кубури со играчи, па понекогаш влегува да помогне на терен и тренерот Миле Бочкаровски и да донесе некој бод. Малку необично, но додуша, не и чудно и невидено во земјата во која впрочем, и селекторот игра кога ќе загусти, а не па тренер во Прва лига!

Се снаоѓаат и младите металурзи како знаат и умеат и заслужуваат и тие аплауз за ентузијазмот. Но, да бидеме реални, и тоа е далеку од систем, а многу повеќе преживување од натпревар до натпревар, далеку од долгорочна стратегија во која ќе расте некоја нова генерација. И многу далеку од оној францускиот „центар на формација“ што одвреме-навреме го слушаме како пример и идеал кон кој се стремиме.

Кај нас светка жолто, мајсторе.

2.Во понеделник штрајкуваа, во сабота победија!

Во низата е и Металург првиот, како своевиден феномен, посебно сезонава. Преку лето со звучни засилувања и големи амбиции, наесен „раситнет“ и преполовен со стари и нови финансиски проблеми.

И Иве Марковски со „металурзи“ ја тераат суперлигашката сезона на спортски инает и ентузијазам. Со голманите едвај собираат 12 за натпревар, играат најчесто со 7-8, спартански тераат по 60 минути на терен и на крај ќе изненадат кога никој не очекува!

„Многумина не отпишаа сметајќи дека одиме во надолна линија…Но, во вакви тешки моменти се гледа карактерот“, ќе рече пикерот Милан Лазаревски.

А, Металург, неделава богами, покажа карактер. Во понеделникот штрајкуваа за задоцнетите плати, во саботата се мобилизираа и го победија Пролет! Цело второ го играа со една постава оти толку беа за ротација, ама на крај и тоа се заборава.

Ако е Супер лига и традиционало незгодна скопска дерби-пресметка. Важна е победата како дополнителна мотивација во преживувањето до некоја подобра иднина.

Инаку, станува збор за повеќекратниот македонски шампион во најсилната македонска лига, само за потсетување.

Металург во „штрајк муд“ со една постава, го победи Пролет, лани третопласиран и сезонава со добар старт нагоре кон водечката тројка! Згора на тоа, му го зеде и приматот на „тренероменувач“. Претходно во „Македонско сонце“ вообичаено, гореа тренерите на Металург, сега по поразот од десеткуван Металург, изгоре Андон Бошковски, а Пролет си бара нов тренер.

Можеби е крпено-шиено денес за утре, со растегливи критериуми и стандарди, ама на македонската ракометна сцена, што е за право, ретко кога е здодевно.

Дури и кога светка жолто, а некаде и аларм на црвено.

3.Вклучен алармот за Вардар и за Вујо

Му светка аларм и на Вардар и на Вујо по петтиот пораз по ред во Лигата на шампионите. И посебно, по она по малку чудно и невообичаено суперлигашко „1 во 2“ издание на шампионот на гости кај последнопласираниот тим на Скопје 2020!

Вардар на крај очекувано победи, но дуелот малку ги извади „од патики“ навивачите на „црвено-црните“ во очекување на големото дерби со Еурофарм Пелистер за десетина дена.

На битолчани пак конечно им светна омиленото „зелено“ по победничката серија и посебно по последната супериорна победа на Еурофарм Пелистер во Европската лига против Татабања. А, секоја победа, во Битола веднаш ги загрева шампионските амбиции.

Велат, се врти тркалото, некогаш со сила и квалитет, некогаш со малку среќа и малку повеќе желба и ентузијазам.

И вака-така си врви сезоната, некаде со 16, некаде и со 6…