СЕДМЕРЕЦ: Само уште пендрек ни фалеше!

...за да го дотепаме спортот во Македонија

1.Зошто???

„Што правиш бе, будала еден?!“  — Можеби до некого допре, а до некого не, ужаснатиот повик од трибините во Охрид кон полицаецот кој онака, како од шега, крена пендрек да удира по глава на спортист(и) на терен, во финале на Куп на Македонија! Без да размислува што прави, кого претставува, зошто е тука, кого удира, смее ли така…Битно има пендрек во рака и сила што некој му ја дал или сам си ја зел, да дели правда. Памет не треба многу. Земи пендрекот и удри!

Можеби до некого допре повикот, а до некого не, но сега треба сите до еден гласно да го повториме, за да не отиде и овој случај за три дена во фиока како ништо да не било, како што впрочем, овде одат многу други „случаи“ и проблеми кои „удираат“ и го нагризуваат македонскиот спорт од сите страни. Оти ударот на полицаецот со пендрек по главата на Филип Талески не беше само срамен удар на македонската полиција врз македонски репрезентативец, туку и „пендрек“ на државата врз спортот.

Без разлика дали удрениот е репрезентативец, наш или странец, познат или анонимен – НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ УДРЕН од полиција на терен, туку заштитен! Со што беше закана Филип Талески или било кој од ракометарите на терен за безбедноста и за нарушување на јавниот ред и мир, за полицијата брутално да смирува?

Со топката ли? Со лепакот? Или можеби со пехарите?

2.Крик за спортот

Внатрешната контрола во МВР отвори постапка за случајот во Охрид и треба да го реши јавно и транспарентно за на ниеден друг припадник на силите за безбедност да не му текне друг пат да крене пендрек на спортист на терен!

Охрид како домаќин на голема ракометна манифестација каква што е завршницата од Купот на Македонија исто така треба да се заложи да се реши случајот и да не се повтори за да не биде друг пат заобиколен за други спортски настани како небезбедна средина. Градоначалникот како поранешен спортист ракометар, најдобро треба да знае што значи пендрек по глава на играч и какви последици може да повлече тоа. Особено  ако остане само на тоа дека  „го осудуваме инцидентот“ и „нема да се повтори“ без конкретни мерки.

Ракометната федерација на Македонија како „куќа на ракометот“ и организатор на настанот, не смее да се дистанцира од „случајот со пендрекот“ и да остави сам по себе да се среди. РФМ мора да си ги штити спортистите од секакви напади и бруталности и да биде гарант за нивната безбедност, не само нем набљудувач од страна што бега од бељата.

Навивачите без разлика дали се од Скопје или од Битола, од Охрид или од Струга, од Кавадарци или од Неготино, дали навиваат за едни или за други, дали се збратимени или пак се лути ривали, дали Тале им е омилен или не… овде треба да бидат единствени и да викнат како тој од погоре. А не да се ситат и да бараат оправдување за бруталноста затоа што удрената глава не е од нивните, дека носи „црвено-црн“, а не „зелен“ дрес или дека дигнал рака да прослави кога постигнал гол или кога одбранил. Не знаете утре по чија глава ќе удри пендрекот ако сега не се сопре раката!

Јавноста исто треба да биде гласна, доследна и единствена против бруталноста и насилствата, во одбрана на спортот и на спортистите од сите девијантни појави. И да викнеме сите „Стоп! Што правиш бе, будала еден“! Без разлика кој е, што е, од каде е, чиј е и дали пресметано или непромислено го кренал пендрекот. Утре, можеби и пиштолот. Стоп!

Спортот и така ни е се поутепан со кризи, згаснувања, спорни ваучери, порази, падови, нетрпеливост и спорови по сите вертикали и хоризонтали…Само уште пендрекот ни фалеше да го дотепа.

3.Да не пукне брука, ракометот нека пука!

Ракометот ни е спорт број еден, но еве ни тој не е имун на разни удари од разни страни со разни „пендреци“ – по глава , по лице, по раце, по уста…

Од навреди и зовриени страсти, сами меѓусебе се истепаа македонските навивачи на трибините во Краков за време на СП. Се заташка некако да не пукне брука.

Па се запраши малку со „бела прашкаста“ во раководните структури. И тоа се заташка да не излезе брука за најуспешната национална федерација.

Па се случи хаос и прекин на дербито меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер во Скопје кога летаа факели и шишиња и навивачи на терен во ривалската пресметка. Обезбедувањето и полицијата тогаш не си ја завршија најдобро работата, ама во Охрид се фатија за пендрекот. За инцидентот подоцна беа изречени релативно поблаги санкции за двата клуба, за многу, многу да не се таласа, но тоа ни оддалеку не го реши проблемот со дивеењето на трибините и тензијата што многу лесно може да ескалира во судир и насилство.

Спортот е најздравата опција за секоја нација, посебно за младата генерација. Ама по сето ова, два пати ќе помислиш дали да однесеш дете во сала и уште три пати дали вреди да тренира.

А, викендов требаше всушност да биде празник на ракометот во Охрид, завршница на Купот на Македонија во машка и во женска конкуренција, одмерување на силите меѓу најдобрите и првата сезонска поделба на пехарите.

На женскиот Ф4 што по откажувањето на бранителот на титулата ЖРК Металург во криза, малку необично стана Ф3, ЖРК Куманово ја искористи шансата да игра директно во финале и да го победи ЖРК Вардар за трета Куп титула.

На машкиот Ф4 во Купот на Македонија, Вардар покажа неверојатна тимска кохезија и успеа и со повреди преполовен тим ја одбрани титулата додавајќи го по 16-ти пат Куп пехарот во својата колекција, заедно со сите индивидуални признанија во завршницата. И што е уште побитно за „црвено-црните“, до пехарот во Купот стигнаa со две победи, против РК Алкалоид во полуфиналето и против Еурофарм Пелистер во финалето, двата ривали од кои во првенството, најверојатно, ја губат шампионската титула. За Вардар секако, резултатската доминација во финалето беше своевидна сатисфакција, за Еурофарм Пелистер мало отрезнување и разочарување. Се на се, убав ракометен дуел и на терен спортски коректен до последен момент, без оние неколку некоректни секвенци и скандирања од трибините. Што на крај пак, директно или индиректно предизвикаа мешаница

И после летна „пендрекот“ по глава.

И удри по Тале, но и по Купот и по ракометот и по македонскиот спорт.